Македонија
24. February 2020 - 17:01

Продолжуваат партиските преговори за предизборни коалиции

Дали СДСМ и БЕСА се блиску до првата предизборна македонско-албанска коалиција откако викендов и двете партии испратија јасни пораки дека сакаат меѓусебна соработка за изборите за 12 април? Од владејачката СДСМ велат дека се уште нема договор за коалицирање, но има интензивни меѓупартиски разговори и тоа не само со БЕСА, туку со сите партии освен со опонентот  ВМРО-ДПМНЕ. Партискиот конгрес на кој ќе се официјализира и соработката и листите се најавува најдоцна до 10 март.

Од друга страна, неофицијално од БЕСА велат дека викендов имало разговори и дека предизборната сораборка е речиси договорена. До крајот на неделава се очекува и средба на лидерите на партиите Зоран Заев и Билал Касами. Нема договорено дали двете партии би оделе со една листа или пак, ќе се работи само за договор со за сигурен партнер во идната Владата.

Заев минатата недела побара соработка и со ДПА на Мендух Тачи, но викендов од таму испратија порака дека засега во преговори за коалицирање се со НДП на Весел Мемеди. Условот на Тачи за владина коалиција е да биде вицепремиер и во колаицијата да не е ДУИ.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ е во разговори за предизборна соработка, но засега конкретни договори нема, особено не со Алијансата на Села и Алтернатива кои веќе договорија заеднички настап на 12 април.

Партиите треба да излезат со своите кандидатски листи најдоцна до полноќ 12 март, еден месец пред изборите.