Македонија
6. October 2021 - 19:58

Продолжува предизборната кампања и ветувањата на кандидатите

Скопје-град без сообраќаен метеж и со најголема пешачка зона во Европа во центарот од градот, ветува Петре Шилегов од СДСМ. За таа цел, актуелниот и кандидат за втор мандат за градоначалник на Скопје нуди три крупни решенија за растеретување на сообраќајот, проекти кои се веќе започнати и се очекува да се завршат и стават во функција до 2024 година.

Независната кандидатка, пак, Данела Арсовска, која во трката за градоначалник е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, ветува дека Скопје ќе биде град со алтернативни форми на транспорт. Најавува нови и реконструкција на постојните велосипедски патеки, со цел да бидат функционални и безбедни, како и паркинзи за велосипеди со редари и сигурносни камери.

Останатите кандидати за градоначалници на Скопје во текот на денот немаа најавени активности. Предизборните карвани продолжуваат и вечерва. Коалицијата предводена од СДСМ ќе биде во Свети Николе, Пробиштип и Ресен. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има средби со граѓани во Петровец, Илинден, Зелениково и Ѓорче Петров. Зелената партија ДОМ и ЛДП ќе бидат во Свети Николе и Штип, а од Левица најавија активности во Делчево. ДУИ ќе бидат во Тетово, БЕСА во Липково.