Македонија
20. April 2017 - 8:47

Продолжува конститутивната седница на Собранието

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи конститутивната седница на која се дебатира за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. 

Во досегашниот тек од расправата главна тема е тиранската платформа. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека платформата е постизборно подметната и бараат СДСМ да се откажат од неа и да се оди на нови избори. Од СДСМ, пак, сметаат дека со расправата не се почитува собранискиот Деловник и дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дискутираат за теми кои не се поврзани со точката на дневниот ред. Тие побараа да се премине на гласање на следната точка од дневниот ред, односно избор на претседател на Собранието.

Согласно договореното, во Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да членуваат шест претставници од ВМРО-ДПМНЕ и пет од СДСМ, а ДУИ и БЕСА да имаат по еден член.

Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.