Македонија
31. May 2024 - 10:52

Продолжи седницата за избор на претседател на Уставниот суд

Во Уставниот суд претпладнево продолжи седницата за избор на претседател на Судот. 

Вчера имаше четири неуспешни обиди за избор на претседател на Уставен суд, а според информациите, ниту еден од предложените кандидати не го добил потребното мнозинство. Се гласало за избор помеѓу судијките Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева.

Новиот претседател на Уставен ќе ја замени досегашната претседателка Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат истекува на 2 јуни.

Според Деловникот, Уставниот суд на седница избира претседател на Судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање. 

Покрај Кацарска, актуелни судии во Уставен суд од кои некој ќе ја преземе претседателската функција се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска Данева.

Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. 

Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. 

Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.

Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.