Македонија
29. January 2024 - 16:37

Проблеми со откупот на тутун

Тутунарите продолжуваат со тивкиот бојкот на откупот на тутунот, тутун предаваат само оние на кои им требаат итно пари. Најголем дел од поголемите производители се уште го чуваат дома и чекаат подобра цена. Велат дека не им се исплати да го предаваат по сегашната цена од 330 денари, очекуваат истата да се покачи над 360 денари. Годинава никој не кажува колку точно тежи родот, но се претпоставува дека истиот е околу 12 милиони килограми, што е енормно намалување за разлика од претходните години. Ако останат овие цени тутунарите велат дека в година ќе има уште помали количини.

„Заминаа сите странство луѓево, мојата генерација, другари, го откажаа земјоделието бидејќи не е платено ништо. Пченка имав, пченица, никако не оди и се откажав од тоа, само со тутун останавме и тоа не е платено“, вели Јане Јанчески, тутунар од с. Беровци.

„Еве чекаме, не сме задоволни, немам носено, имам 650 картони или околу 10 тона тутун, не сум задоволен никако од ценењето на тутунот за 330 денари. Имам инвестирано голема инвестиција, со аргати работам нон стоп, околу 10 тона тутун не се собира така, голема инвестиција имам“, кажа Беџет Исламоски, тутунар од с. Канатларци.

Денеска во посета на прилепско беше и дополнителниот заменик министер за земјоделство на техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ,  Цветан Трипуновски, кој рече дека нивните ингеренции во моментов не биле големи, но кога ќе ги добијале изборите повторно ќе го врателе достоинството на земјоделците, особено на тутунопроизводителите.

„Треба визионерски да се размислува и да наредните години овие луѓе кои произведуваат имаат надеж, односно желба да продолжат, а сите оние кои ги изгубивме како тутунари, која знаеме дека е голема бројка, исто така да се вратат на полињата и да ја засадат оваа многу битна култура, како за државата, така и за нив, како егзистенција на нивните семејства“, вели Цветан Трипуновски, дополнителен заменик министер за земјоделство.

Од Државниот земјоделски инспекторат велат дека до денес биле откупени околу 7.5 милиони килограми тутун.