Пробиени 95 отсто од автопатот Миладиновци - Штип
Вкупно 95 отсто од автопатот Миладиновци – Штип се пробиени, 9,5 километри се веќе асфалтирани, а се работи и на изградба на мостовите, потпатниците, натпатниците, вијадуктите,.., рече денеска премиерот Емил Димитриев откако, во придружба на министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, изврши увид во градежните работи.
Како што изјави Димитриев, автопатот вреден 206 милиони евра, е во должина од 47 километри, а неговата целосна реализација се очекува да заврши за најдоцна една година.
Изведувач на проектот е кинеската компанија „Синохидро“, додека подизведувачи се македонските „Гранит“ и „Бетон“.
- Од она што можев да го видам на лице место и да го слушнам од одговорните, темпото на реализација се одвива согласно планираната динамика. Вкупниот прогрес на градба е околу 39 проценти. Со задржување на ова темпо, ќе го постигнеме планираниот рок – за една година да имаме комплетно завршен пат, истакна премиерот.
Според него, Владата истовремено работи и на уште два автопата, Демир Капија – Смоквица и Кичево – Охрид, но почна и реконструкцијата на две автопатски делници, Смоквица – Гевгелија и Куманово – Миладиновци.
- Ова е историски важен момент за државата и за развојот на нејзината економија зашто првпат паралелно се работи на вкупно 165 километри делници, дел се во градба, а дел се реконструираат, што е инвестиција вредна 800 милиони евра. Ангажирани се околу 2.500 луѓе и тоа е сериозен поттик за македонското градежништво, како и за останатите поврзани стопански гранки, подвлече Димитриев.
И министерот Мисајловски потенцира дека првпат во историјата на Македонија се градат три автопати.
- Динамиката се одвива според планираното. Можно е да се случат и некои непредвидени работи, но цврсто сум убеден и верувам дека следната година ќе имаме нов, модерен автопат што македонските граѓани го заслужуваат, нагласи Мисајловски.
Тој најави дека во втората половина од годинава ќе почне и изградбата на експресните патишта Штип – Кочани, Кочани – Делчево, Штип – Радовиш и Крива Паланка – Ранковце, инвестиција вредна 300 милиони евра. Почнат е, додаде, уште еден проект, реконструкција на патниот правец Кочани – Делчево, вреден 6,6 милиони евра.
- Максимално сме фокусирани на сите овие проекти. Очекувам веднаш по завршувањето на целата документација и останатите пропратни активности, следната година да почнеме и со конкретните работи на терен, посочи министерот.
Владата, истакна Мисајловски, и натаму останува посветена на изградба на инфраструктурата поради што, како што рече, освен на трите автопати и предвидените два нови проекта, паралелно работи на уште регионални патишта.
Со премиерот Димитриев и министерот Мисајловски на увидот во градежните работи на автопатот Миладиновци – Штип беше и градоначалникот на Штип Илчо Захариев.
Ново на Сител
-
Во Кина студент со нож уби најмалку осум лица, рани 17
-
Измамена велешанка - И кажале дека и следуваат 20 илјади евра, па пратила 600 евра
-
Притворен малолетникот кој на автобуски станици во Карпош со нож повредил двајца малолетници
-
Мигранти влегле во камион без знаеење на возачот и се обиделе да влезат во Македонија
-
Пронајдена дрога во Скопје, приведени повеќе лица
-
Мицкоски: Не знам дали е можен исчекор во евроинтеграциите до крајот на годината, но ќе сториме се да најдеме решение
-
Повеќе договорени, а помалку извршени градежни работи во странство
-
Претседателката Сиљановска Давкова формираше Совет за млади