Македонија
27. March 2024 - 16:44

Приватните специјализанти на протест – нема корекција на плати пред избори, им вратија надлежните

Ние не сакаме да си одиме, вие не бркате! И неплатени и неосигурани и невработени! Со вакви транспаренти околу 400 тини приватни специјализанти во бели мантили протестираа пред Министерството за здравство барајќи решавање на нивните горливи проблеми. Не само што платата им е ниска и далеку од тоа што било ветено туку не добиваат редовно пари и за дежурства,а се молат да не се разболат бидејќи немаат здравствено.

- Тоа значи дека ако некој колега има здравствен проблем, ќе треба да се лекува приватно, иако самиот тој пружа услуги во државното здравство. Ако колешка од Гинекологија остане бремена, нема да може да се прегледува бесплатно на Клиниката во која што работи, изјави Александра Георгиева, претседател на Здружение на приватни специјализанти.

Плати скромни, трошоци огромни, кажаа специјализантите на протестот. За да го преживеат месецот, од здружението велат дека имаат колеги кои наутро прегледуваат пациенти  а попладне доставуваат храна за да заработат денар повеќе.

- Имаме и брачни парови, односно и сопругот и сопругата се на приватна специјализација. Исто така колега, нема да споменувам имиња, работи на платформата за доставување на храна, вели Геориева.

Поддршка добија и од граѓани.

- Да нема за овие златни дечиња. И потоа немало лекари...вели граѓанин.

Но нема поддршка и од здравствените власти кои иако напишаа дека сакале да им помогнат и ги разбирале нивните барања, им кажаа дека повисоки плати ќе добијат после изборите.

- Во предизборен и изборен период согласно член 8 а од изборниот закон не може да се вршат исплаќања од буџетски средсрва или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, велат од МЗ.

Инаку со договорот за приватни специјализанти од 2019, нивниот месечен надомест од 26.000 денари од тоа време, треба да расте согласно зголемувањето на минималната плата, односно да биде како платата на општ доктор.