Пристигнуваат новите банкноти од 200 и 2000 денари
За нешто повеќе од еден месец, односно, од 15 декември Народната банка на Република Македонија ќе ги пушти во оптек книжните пари во апоени од 200 и 2.000 денари, а во истовремено ќе ги повлече банкнотите од 5.000 денари.
-Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации, велат од НБРМ.
Од таму појаснуваат дека повлекувањето на книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари се случува поради тоа што не биле прифатени од пошироката јавност заради нивната висока номинална вредност, ограничена застапеноста при вршењето на готовинските трансакции. Воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена која што се спроведува по период од 20 години.
Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 200 денари е релјефот со претставa на старозаветниот 41. Давидов псалм којшто им припаѓа на препознатливите винички теракотни икони, едни од најзначајните раносредновековни археолошки откритија на територијата на Македонија.
На истата страна, во централното лево поле е прикажана раносредновековна прстеста бронзена фибула од почетокот на VII век, а е пронајдена во околината на Прилеп.На задната страна на оваа банкнота е претставен архитектонско-ликовен елемент од челната фасада на „Шарената џамија“ во Тетово, еден од најатрактивните споменици на архитектурата и сликарството од османлискиот период во Македонија, надополнет со флорални елементи преземени од декорацијата на мермерните подни плочи на познатата „Исак џамија“ во Битола, изградена на самиот почеток на XVI век.
Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 2.000 денари е претстава на македонска невестинска носија од Прилепско Поле, како впечатлива рефлексија на богатството на фолклорната ризница на Република Македонија. На истата страна, во централното лево поле е претставен приврзок во форма на афионова чашка којшто е откриен во Сува Река, Гевгелија и претставува артефакт датиран во VII век пр.н.е што му припаѓа на познатата група пајонско-македонски бронзи.
Што се однесува до задната страна на банкнотата, на неа е прикажана декорацијата на внатрешната страна на позлатен сад, којшто потекнува од XVI век и во чиешто централно поле се наоѓаат два афронтирани пауна покрај „изворот на животот” обиколени со раскошна флорална декорација.
Ново на Сител
-
Русија најави одмазда против Украина поради употребата на американски ракети АТАКМС
-
Ердоган: Заврши ерата на оружје, насилство и терор
-
Пахор се повлече од кандидатурата за специјален пратеник на ЕУ за дијалогот Белград–Приштина
-
Комеморација на Цетиње, трет ден на жалост во Црна Гора
-
Божиќните празнувања во Бигорски почнуваат од утре
-
Во Кавадарци одбележани 82 години од смртта на народниот херој Страшо Пинџур
-
Албанија пред епидемија на грип, за една седмица над 13 илјади заразени
-
Од Крива Паланка до Куманово ќе се патува за 40 минути, пуштен експресниот пат Крива Паланка-Страцин