Живот
20. May 2016 - 14:44

Природен феномен во Сибир од кој се слуша "бука од подземниот свет"

Локалното население тврди дека слуша "бука од подземниот свет", која доаѓа од големиот кратер и кањонот во Сибир, а научниците тврдат дека тој необичен природен феномен ги чува тајните за минатото на нашата планета.
 
Многу жители од рускиот регион Јакутск велат дека се плашат од приказните за кратерот Батагајка, а причината за нивниот страв лежи во нивното верување во три света - горен, среден и подземен. Локалното население верува дека Батагајка претставува "врата" во подземниот свет, пренесува Siberian Times.
 
 
Застрашувачките звуци веројатно потекнуваат од одронот на земјата во кратерот, кој се мери до еден километар во должина и до 100 метри во длабочина.
 
Батагајка почнала да се формира во 60-тите години од 20. век, откако се исчистил голем дел од шумата во тоа подрачје, нормално, од раката на човекот. Земјата после тоа потонала и продолжува да тоне до ден денес, а климатските промени само дополнително го забрзале целиот процес.
 
 
Големата поплава од 2008. година го забрзала процесот на потонување, а дупката се зголемила за 15 метри за една година. Резултат од сето тоа е природна лабораторија без преседан за научниците кои сакаат да ги разберат заканите од климатските промени на подрачјето на пермафростот.
 
Неодамнешната научна експедиција започнала со откривање на староста на слоевите на земјата кои останале откриени и собрале нивни примероци, како и примероци од локални билки.
 
Досега се верувало дека земјата во Батагајка е стара 120.000 години, но професорот Јулиан Муртон од Универзитетот "Sussex", кој учествувал во истражувањето на тој природен феномен, излегол со анализа дека е стара 200.000 години.
 
 
"Овој проект ќе ни овозможи да ги споредиме податоците со примероци од слични геолошки структури на Гренланд, Кина и Антарктик. Податоците за прастарата земја и вегетацијата ќе ни помогнат во реконструкцијата на историјата на Земјата", рекол Муртон за руските новинари.
 
"Самата Батагајка ја исполнува мојата имагинација. Нејзината големина е неверојатна, тоа е совршено изложено, откриено, сите слоеви се совршено видливи и можат детално да се проучуваат", истакнал Муртон.
 
Идниот чекор во истражувањето на Батагајка е проучување на примероци од прастариот мраз.