Свет
4. November 2016 - 12:12

Припадниците на Исламската држава се опседнати со бради и сексуални робинки

На голем постер насловен „Зошто треба да ја уништам својата сателитска антена”, џихадистите даваат 20 причини за тоа, од кои повеќето се сведуваат на неморалност на телевизиските програми

Документи и постери на Исламската држава (ИД), најдени во села кои ги ослободи ирачката војска, се доказ за строгиот тоталитарен систем на власт на милитантите, кои се потрудиле до детали да ја објаснат својата екстремна филозофија.

Откако го освои северен Ирак во 2014 година, ИД прогласи „Исламски Калифат“, што им одговараше на некои сунити, кои се чувствуваа маргинализирани од Владата во Багдад во која доминираат шиитите.

Но, тоа наскоро се промени откако Исламската држава со сила воведе свои средновековни правила, сечејќи им ги главите на сите кои и се спротивставуваат.

Шарените постери, памфлети и документи, најдени во канцелариите на џихадистичките службеници, покажуваат колку биле сконцентрирани на диктирање на примерно исламско однесување на жителите на „Калифатот“.

Кршењето на тие правила се казнувало со јавни камшикувања или обвинетите биле превезувани во Мосул, каде биле убивани, сведочат неколку жители кои неодамна побегнале од подрачјето под контрола на Исламската држава.

Најдениот леток со големина на банкнота содржи упатства како примерно да се моли и прикажува правила како треба да капи дета.

- Стапалата се мијат во насока од прстите кон петите, пишува на летокот.

Памфлетот од пет страници со фотографии од златни нараквици, дијаманти и прстени и пченица има упатство како да се даваат подароци, во согласност со Исламот. Кој нема да го направи тоа, му следувала казна.

Во селото Шура, каде неодамна биле убиени седум бомбаши самоубијци на Исламската држава, кои трчале кон ирачките сили, најдени се записи кои содржат информации за тоа колку некој поседува злато, колкави му се примањата, колкав имот има и каков автомобил вози.

Најдениот црвено-розов леток вклучува и 32 прашања и одговори за жените заробени во војната.

Високиот клерик на Исламската држава има авторитет за распределба на заробените жени меѓу борците на Исламската држава, стои во упатството.

- Немуслиманските жени можат да се земат како конкубини, се наведува во летокот. Милитантите можат да имаат две сестри како конкубини, но полов однос смеат да имаат само со една.

- Девојчињата кои не влегле во пубертет исто така смеат да бидат конкубини. Со нив не смеете да имате пенетрација, но и натаму можете да уживате во нив, пишува на летокот.

На прашањето дали милитанти смеат да ја „делат“ конкубината, одговорот е дека само еден сопственик смее да спие со неа.

Исламската држава по освојувањето на северен Ирак зароби стотици жени од малцинството јазиди како сексуални робинки.

Според правилата на џихадистичката група, жените не смеат да излегуваат од домовите, а ако веќе излезат мора да бидат покриени од глава до пети. Мажите може да носат куси панталони, но мора да имаат бради со одредена должина.

Исламската држава забранува интернет, музика, мобилни телефони, сателитска програма. На голем постер насловен „Зошто треба да ја уништам својата сателитска антена”, џихадистите даваат 20 причини за тоа, од кои повеќето се сведуваат на неморалност на телевизиските програми.

Причината со број осум наведува дека сателитските програми прикажуваат љубовни приказни, голи жени и непримерен јазик, додека причината број десет вели дека тие канали поттикнуваат феминизираност кај мажите. 

Вијести - Подгорица