Живот
23. January 2020 - 15:04

Принц Чарлс ги повика лидерите итно да дејствуваат: Климатските промени се зајголема закана за човештвото

Британскиот принц Чарлс смета дека глобалното затоплување и климатските промени се најголемите закани со кои некогаш се соочило човештвото и ги повика лидерите на бизнис заедницата итно да дејствуваат за да обезбедат одржлива економска иднина.

Во говорот на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, Чарлс рече дека е време лидерите да преземат мерки со „револуционерно ниво и брзина“.

Ние сме среде криза, која сега, се надевам, добро ја разбираме. Глобалното затоплување, климатските промени и разорното губење на биолошката разновидност се најголемите закани со кои човештвото некогаш се соочило и во најголем дел се последица на нашето дејствување, истакна британскиот принц.

Неговото предупредување се случи еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп, кој исто така зборуваше во Давос, ги отфрли предупредувањата на „вечните пророци на катастрофата“.

Чарлс, кој пристигна во зградата каде се одржува Форумот со електричен автомобил наместо со хеликоптер, голем дел од животот лобира кај деловните луѓе и владата за теми од областа на екологијата и животната средина. Но, призна дека тоа во голема мера е „сизифовска работа“.

Во Давос, тој ја започна Иницијативата за одржливи пазари, чија цел е да предложи начини за декарбонизација на глобалната економија.