Македонија
17. January 2024 - 16:27

Прилепчанец пронајден мртов на фарма со свињи

Безживотното тело на 80 годишниот прилепчанец Б.Т. утринава околу 11 часот било пронајдено изгризано од свињи на неговата фарма која се наоѓа на излезот на Прилеп, по стариот пат за Битола. Телото го пронашол неговиот син, кој веднаш повикал полиција и Итна помош.

Од Итната помош истакнаа дека веднаш нивна екипа пристигнала на лице место. Д-р Софија Ристевска телефонски ни изјави дека кога пристигнале на фармата немало веднаш услови да се пристапат до телото затоа што свињите растрчувале низ дворот, а дел од нив се уште го гризеле починатото тело. Откако биле затворени во дел од фармата лекарите констатирале смрт бидејќи поголем дел од телото веќе било изедено, односно десното стапало, делови од главата и имало голема отворена рана на градниот кош.

 -Според првичните и неофицијални информации телото на сега починатиот го пронашол неговиот син кој според првичниот исказ последен пат контакт со својот татко имал пред една недела, минатата среда. Последен пат жив сега починатиот бил виден во понеделникот од страна на соседите. Соседите велат деја свињите кои тој ги чувал често пати знаеле да бидат агресивни и да излегуваат од оградениот простор на фармата.

На лице место пристигнале и екипи од ОВР Прилеп кои заедно со Јавен обвинител од Прилеп направиле увид на лице место. Според Јавниот обвинител Лидија Салатоска за утврдување на точните причини на смртта телото на сега починатиот е дадено на обдукција.