Македонија
6. December 2021 - 16:39

Пријава до МАЛМЕД за два смртни случаи по примена вакцина - ќе се проверува дали има поврзаност

Сомнежи за два смртни исходи по примена вакцина против Ковид во земјава. Двајца лекари во Агенцијата за лекови пријавиле сомневање дека смртта на нивни пациенти е поврзана со вакцината. Пријавите во МАЛМЕД се доставени во различен период. За првиот 53 годишен пациент имунизиран со Фајзер било пријавено во април, а вториот 85 годишен примил Астра Зенека. Неговиот случај е евидентиран  на 30 септември две недели по вакцинирањето, информираа од Агенцијата и потенцираа дека се уште не е докажано дали навистина вакцините се причина за смртта.

- Постојат голем број параметри кои треба да се испитаат, од што боледувало лицето претходно, каков живот имало, какви лекарства примало. Се прави комплетна обработка за да се докаже дали е навистина смртта поврзана со употребата на вакцината. Едниот починат имаше голем број коморбидитети, изјави Меријем Хаџихамза, раководител на сектор во МАЛМЕД.

Освен овие случаи во МАЛМЕД од почетокот на имунизацијата против Ковид стигнале и 231 пријава од лекари и фармацевти и 15 пријави од граѓани за несакани реакции после вакцинацијата, но најголемиот број биле очекувани.

-Значи главоболка, повраќање, болка во екстремитетите, вртоглавица и болка во рамото на местото на апликација на вакцината, изјави Љирим Шабани, директор на МАЛМЕД.

-И некои неочекувани ефекти како болка во градите, тромбоцитна реакција, алергиска реакција, рече Меријем Хаџихамза од МАЛМЕД.

Но, од МАЛМЕД велат дека бенефитот од вакцинацијата е многу поголем, 99 проценти од вакцинираните околу 830.000 немале никакви реакции.