Македонија
12. February 2016 - 8:35

Презентација на резултати за енергетска ефикасност во градежниот сектор

Стопанската комора на Македонија денеска ќе ги презентира резултатите од имплементацијата на постигнатите цели од приоритетите на ЕУ Стратегијата 2020 за спроведување на енергетската ефикасност во градежниот сектор во Република Македонија.

Како што е најавено, по презентирањето на досегашните резултати од приоритетите  на ЕУ Стратегијата 2020, ќе бидат доделени и сертификатите на 1000 градежни работници за енергетска ефикасност во 5 занимања.

Во рамки на ЕУ-иницијативата BUILD UP Skills, која има за цел подобрување на квалификациите и вештините на европските градежни работници за постигнување на зголемена енергетска ефикасност на објекти, заврши спроведувањето на процесот на препознавање (верификација) на претходно знaење и вештини за енергетска ефикасност на градежните работници во Македонија за следните 5 занимања: фасадери, кровопокривачи, столари, инсталатери на греење, ладење и вентилација и инсталатери на електрични инсталации.

Иницијативата на Европската унија за градење на капацитетите на работниците во градежниот сектор беше со цел да се подготви и нашата земја во делот на квалификација и преквалификација на градежните работници, со акцент пријавување на кандидати кои поседуваат знаења и вештини стекнати со неформални обуки или работно искуство во градежни претпријатија. Токму поради тоа, во рамките на Проектот „Обука на градежните работници за енергетска ефикасност“ – (BUILD UP Skills - Builders' Energy Efficiency Training - BEET, заврши процесот на сертифицирани тренери и градежни работници, и со тоа се постигнаа целите од приоритетите на ЕУ Стратегијата 2020 за спроведување на енергетската ефикасност во градежниот сектор.