Македонија
20. November 2023 - 8:08

Презентација на национално истражување за информираноста за Конвенцијата за правата на детето

Народниот правобранител во партнерство со Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ денеска ќе презентира наоди од спроведено национално истражување со ученици, наставници и родители за информираноста за Конвенцијата за правата на детето, ученичко учество и безбедноста во основните училишта во државава.

Истражувањето е спроведено во рамки на проектот „Децата на прво место!“, финансиран од Европската Унија, а со презентацијата на резултатоте се одбележува Светскиот ден на детето.

-Во знак на сеќавање на Конвенцијата за правата на детето донесена од страна на Генералното собрание на ОН на 20 ноември 1959 година, во чест на одбележувањето на 30-годишнината од ратификувањето на Конвенцијата од нашата земја, 25-годишнината од канцеларијата на Народниот правобранител во РСМ, како и тридецениската работа и заложба на Фондацијата за образовни и кутурни инцијативи за правото на квалитетно образование за сите деца во државата, соопшти Канцеларијата на Народниот правобранител.

Воведни обраќања ќе имаат Васка Бајрамовска-Мустафа, раководителка на Одделот за заштита на правата на децата при Канцеларијата на Народниот правобранител, и Сузана Киранџиска, извршна директорка на Фондација „Чекор по чекор“, а наодите од истражувањето ќе ги презентира Елизабета Марковска-Спасеноска.

По презентацијата е планирана дискусија на тема „Како до поголемо демократско учество и вклучување на учениците и до училишта без насилство? Како до поголемо разбирање и почитување на правата на детето во нашите училишта?“.