Македонија
8. October 2018 - 17:40

Превозниците штрајкуваа пред Општина Битола

Битолските автобуски превозници денеска ги паркираа автобусите пред општинската зграда на тој начин протестирајќи за новиот тарифник за линиски превоз кој денеска требаше да биде точка на дневниот ред во Советот на Општина Битола. Тие денеска ги откажаа и редовните линии. Велат дека не биле консултирани за тарифникот, а новите цени не им се економски исплатливи. Бараат да возат по досегашните цени.

- Овде се работи за живот, ние немаме пари платите да ги поминеме. На шоферите им доцниме со платите, немаме дома леб да однесеме, рече ПЕЦЕ СТОЈЧЕВСКИ, ЛУКА ЕКСПРЕС.

- Цената ниту пазарна е ниту рентабилни ќе бидеме. Доколку се изгласа овој тарифник ние не ќе можеме повеќе да возиме, рече ЛИДИЈА МИЦЕВСКА, ХЕРА ТУРС.

- Да продолжиме да работиме. А по оваа цена нема да продолжиме, ни утре, ни другиден, ни било кога, рече НОВКА ДИМОВСКА, ХЕРА ПРЕВОЗ.

Од општината утрово преку допис информираа дека точката денес ќе се повлече, што беше потврдено и на седницата на советот.

- Не сакаме никој да оштетиме, иако во тарифата која сакавме денес да ја донесеме, дел од цените ќе беа поголеми од она што сега се вози, рече ВАЛЕНТИН ГРУЕВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА.

- Тарифник кој го креираа без да ги консултираат превозниците, без да направат економска анализа на пазарот, без да ги земат сите индикатори предвид, рече ИВАНЧО ТОШЕВСКИ, СОВЕТНИК ОД ВМРО ДПМНЕ.

Градоначалничката истакна дека е отворена за секакви дискусии.

- Меѓутоа останувам и на својот став дека нема да дозволам никакви условувања, нема да дозволам ништо што би било на штета на учениците. Иако во овој момент изгледа дека некој ги оставил учениците без превоз, учениците се оставени без нормални услови во своите училници заради нешто што се случувало години наназад, истакна НАТАША ПЕТРОВСКА, ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА.

Целта на повлекување на точката од дневен ред е да се најде договор со кој сите ќе бидат задоволни.