Македонија
18. March 2020 - 19:09

Претседателот прогласи вонредна состојба

Пендаровски прогласи 30 дневна вонредна состојба за поефикасно справување со корона вирусот. Во овој период според Уставот Владата ги превзема надлежностите на законодавниот дом и може да носи уредби со законска сила кои ќе важат само додека трае вонредната состојба. Пред истекот на овие 30 дена Пендарвоски очекува извештај за ефектите кои ќе ги постигне мерката и образложение дали ќе има потреба за продолжување на вонредната состојба за нови 30 дена. Шефот на државата очекува техничката влада да биде на висина на задачата, а граѓаните да бидат дисциплинирани.

Ни претстојат тешки денови. Очекувам дека Владата, која во наредниот период ќе ја има најголемата одговорност, ќе биде навистина на ниво на задачата и на искушенијата кои ги носи актуелниот политички и историски момент. Но, и грѓаните треба да бидат дисциплинирани и одговорни, да не излегуваат од дома без позначајна потреба, да ги следат информациите од надлежните и доследно да ги почитуваат препораките. Политичарите, пак, треба да ги остават на страна сите дебати, анализи и калкулации за добивање гласови или пратенички мандати зашто тие се безвредни во однос на најскапоценото: заштитата на животот на нашите луѓе, порача претседателот Стево Пендаровски

Владиното барање за вонредна состојба попладнево се најде во рацете на Пендаровски откако спикерот Џафери потврди дека во моментов нема никави основи за повторно свикување на Собранието. Ваква уредба според него не може да донесе ниту Владата, туку единствено Уставниот суд.

Владата со уредба не може да ја укине одлуката за самораспуштање на Собранието затоа што тоа е во единствена надлежност на Уставен суд доколку има предуслови и аргументи за да се случи тоа. Владата со Уредба, со законска сила може да го стави во мирување решението на претседателот на Собранието за распишување избори и за определување датум за одржување на избори имајќи предвид дека тежината на решението е помала како правен акт или како административен акт (не ме фаќајте за збор терминолошки) е пониска од Уредбата со законска сила која што би ја донела Владата. Значи, во тој случај Владата само би го пролонгирала процесот за избори и одржувањето на избори, а не одлуката на Собранието. Одлуката на Собранието за самораспуштање може да ја поништи само Уставниот суд доколку има издржливи аргументи за тоа, рече Џафери

Премиерот Спасовски смирува. Вонредната состојба нема по автоматизам да ги ограничи правата и слободата на движење на граѓаните. Сите мерки ќе се носат транспарентно и врз основа на дневните анализи на ширењето на корона вирусот.

Уште еднаш напоменувам, сите одлуки ќе зависат од тоа како сите ние се однесуваме. Ако почитуваме, ако ги следиме препораките, ако нашата лична заштита, и на семејствата и околината, ни е пред сè, тогаш сите ќе поминеме многу полесно. Ако не, тогаш ќе имаме и рестриктивни мерки, за коишто навремено ќе информираме“, рече техничкиот премиер Спасовски.

 Меѓу првите уредби кои се очекува да ги донесе Владата е одложувањето на предвремените избори, откако политичките лидери и државниот врв вчера постигнаа консензус за ова прашање.