Претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта во Скопје на средба со премиерот Христијан Мицкоски
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта како дел од неговата турнеја во земјите од Западен Балкан, денеска ќе престојува во еднодневна посета на Скопје, каде ќе оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
По средбата што ќе се одржи во Владата предвидена е заедничка прес-конференција на Мицкоски и Кошта.
Кошта претходно ги посети Белград и Сараево, а целта на неговата регионална посета е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и перспективата на земјите од Западниот Балкан за членство во Унијата.
-Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично, порача Кошта во пресрет на неговата западнобалканска турнеја. Тој нагласи дека заминува во посета на регионот за да разговара со лидерите на земјите од Западниот Балкан, кои „се соочуваат со постојани предизвици“ и за да покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне.
Премиерот Христијан Мицкоски, во врска со посетата на Скопје на претседателот на Европскиот совет, истакна дека ќе бидат пренесени нашите ставови во врска со уставните измени.
-Нашите ставови се јасни во врска со уставните измени и тука нема промена, затоа што од другата страна не гледаме барем во овој момент било каков сигнал дека има промена во однесувањето, односно од страна на нашиот источен сосед. Ќалам што е тоа така и се надевам дека во периодот што следи повеќе ќе зборуваме за решенија отколку за проблеми, истакна Мицкоски.
Додаде дека на покана на Кошта ќе го придружува на неговиот лет од Скопје до Тирана, каде што претседателот на Советот на ЕУ ќе приреди вечера за лидерите на Западен Балкан, додека в петок ќе имаат состанок на Европската политичка заедница во Тирана.
Полскиот амбасадор во земјава Мариуш Бримора, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, во интервју за МИА во петокот, рече дека посетата на претседателот на Советот на Европската Унија Антонио Кошта на Скопје следната недела, е уште еден силен сигнал на приоритетите на ЕУ и оти фактот што го посетува Западен Балкан и што доаѓа во Скопје, е доказ дека се подготвени за проширување.
-Од моја перспектива, исто така можам да споменам дека нашиот премиер Доналд Туск, ќе го посети Скопје во следните неколку месеци и ова ќе биде уште еден сигнал дека ние се грижиме за Северна Македонија, дека ја поддржуваме државата, дека Претседателството, Советот на ЕУ го поддржуваат процесот на отворањето преговори и тоа е силен знак дека ќе чекаме одговор од македонска страна, нагласи амбасадорот, рече Бримора.
Ново на Сител
-
Поради штрајкот на француските контролори на летање откажани повеќе од 1.500 летови
-
ФК Силекс со бесплатен превоз и карти за натпреварот со ФК Дечиќ
-
СПM: Се заострува негаторската политика кон македонскиот идентитет и јазик
-
Путин и Трамп разговараа за Украина и историските врски меѓу Русија и САД
-
Уапсен мотоциклистот кој избега откако усмрти скопјанец на кеј
-
Во Германија уапсен маж, кој со секира повреди четири лица
-
Зеленски: За постигнување на мир во Украина неопходна е лидерска средба
-
Mинистерот Муцунски се сретна со амбасадорката на САД, Агелер