Македонија
12. January 2023 - 11:40

Пренесени 389.526 броеви во мобилните мрежи, 196.963 во фиксните, јавна расправа за Правилникот

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска отвори јавна расправа за Предлог правилникот за измена на Правилникот за преносливост на броеви.  Од почетокот на опцијата за преносливост на  броеви што стартуваше во септември 2008 година заклучно со 30 јуни 2022 година, се регистрирани 389.526 пренесени броеви во мобилната телефонија, а во фиксната  196.963.

Промената во Правилникот што е предмет на јавна расправа до 10. следниот месец се однесува во делот на записот за пренесување број, кој според предлогот, нема да содржи име и презиме, односно тоа ќе се прави со внесување единствен матичен број за физичко лице, како и единствен даночен број за правно лице, без неговиот назив. Промена има и во членот што ги уредува условите за пренесување број кај опцијата за операторот давател да го одбие барањето ако е поднесено од неовластено лице, а кое во иднина ќе се утврдува преку споредување на единствениот матичен број -ЕМБГ за физички лица и единствен даночен број – ЕДБ за правни лица;

Податоците од Извештајот на АЕК за вториот квартал од 2022 година покажуваат дека најголем процент од пренесените броеви во мобилните мрежи е кон А1 Македонија, 60,01,  по што следат Македонски Телеком со 33,27 проценти, Роби 4,61 процент, Лајкамобајл со 1,96 проценти, и Албафоне со 0,15 проценти.  Во фиксните мрежи од вкупно пренесените броеви, 67,11 проценти се кон А1 Македонија,  по што следат Роби со 10,61 процент, Неотел со 9,44 проценти, Македонски Телеком  со 8,19 проценти, Инфел Нет Плус со 2,41 процент, Актон 1,12 проценти, ГИВ Иван 0,05 проценти и Алтра Сат 2000 0,04 проценти и Кабле Калл 0,03 проценти.

Според Правилникот, претплатник може да поднесе барање за пренесување на еден, повеќе или на
сите броеви вклучени во претплатничкиот договор, како и повторно да го пренесе пренесениот број на кој било друг оператор или оператор-корисник, вклучително на кој било претходен оператор или оператор-корисник.

Претплатникот има право да иницира пренесување или повторно пренесување на претплатничкиот број кај друг оператор или оператор-корисник, во временски период не пократок од 30 дена од започнувањето на услугата од операторот или операторот корисник. По пренесување на бројот, треба да ги подмири сите обврски за раскинување на претплатничкиот договор кај операторот – давател или доколку има услуги од друг оператор поврзани со истиот претплатнички број да ги подмири сите обврски за раскинување на претплатничкиот договор кај операторот кој му нуди услуги на претплатникот преку големопродажната услуга од операторот давател.