Балкан
9. October 2015 - 15:28

Пренџов на конференција „Зелен град-енергија и животна средина” во Будва

Република Македонија во мај годинава на Конференцијата во Хаг ја потпиша Меѓународната енергетска повелба, со што очекува дека ќе се унапреди пристапот до пазарите на енергија и ќе се подобри промоцијата и заштитата на инвестициите во сите енергетски сектори, заштитата на животната средина и одржливата и чиста енергија.

Ова го порача заменик министерот за локална самоуправа Љупчо Пренџов во своето обраќање на Конференцијата на тема „Зелен град-енергија и животна средина“ што се одржува во Будва, Црна Гора.

Тој се осврна и на плановите и мерките за оддржлив локалнен развој, предвидени во Националната програма за локален развој и децентрализација 2015-2020, со акцент на мерките за енергетска ефикасност на локално ниво.

- Актуелните политики во областа на енергетиката во рамките на Европската унија бараат целосно прилагодување на сите нивоа, а особено на локалното ниво каде што граѓаните ги обезбедуваат своите елементарни потреби. Имајќи го предвид овој факт, Министерството за локална самоуправа, во Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација 2015-2020 акцентот го стави на Одржливиот локален развој и раст што подразбира одржливо искористување на локалните ресурси за економски цели и развој на енергетска и транспортна инфраструктура без притоа да се наруши квалитетот на животната средина и природата, рече заменик министерот Пренџов.

Тој истакна дека преку стекнување на специфични напредни знаења и вештини за примена на „чисти“ технологии, моделот на одржлив локален раст резултира и со отварање на нови и квалитетни работни места.

- Во основа, се цели кон постигнување на што е можно повисок степен на синергија меѓу политиките за заштита на животната средина и социо-економскиот развој. Подобрувањето на вкупната енергетска ефикасност создава значителни заштеди на финансиски средства паралелно со придобивките по однос на животната средина, што во суштина би значело и поквалитетни и поефикасни услуги кои што ги обезбедува јавниот сектор на локално ниво, додаде Пренџов. 

Во текот на утрешната сесија Пренџов ќе ги промовира добрите пракси на општини од Република Македонија во имплементација на политиките за обезбедување на енергетска ефикасност на локалните јавни установи.