Македонија
4. March 2021 - 12:49

Преку Facebook измамени граѓани од Истокот на Македонија

Неколку граѓани од Истокот жртви на измамници преку социјалните мрежи. Во текот на минатиот месец во штипскиот Сектор за внатрешни работи повеќе оштетени граѓани пријавиле дека преку facebook и messinger, одредени лица им ги побарале личните податоци, наводно за хумани цели, а потоа им ги злоупотребиле. Од оштетените биле барани фотокопија од лична кaрта, трансакциска сметка и електронска здравствена легитимација.

- Наведените податоци сторителите ги злоупотребувале за стекнување и добивање брзи кредити од финансиски друштва во Република Северна Македонија, преку електронско аплицирање во име на оштетените граѓани, притоа доведувајќи ги во заблуда дека паричните средства кои по одобрувањето на кредитите легнувале на трансакциски сметки на оштетените и се наводно помош од роднини на сторителите за лекување на болно дете. Паричните средства оштетените сами ги ваделе од нивните сметки и преку посредници им ги давале на сторителите, незнаејќи дека истите потекнуваат од претходно одобрени брзи кредити во нивно име. –изјави Гордана Панајотова, портпарол на свр-Штип

На овој начин измамените граѓани станале должници на финансиските друштва, иако парите ги дале на измамниците. Од СВР апелираат до граѓаните да не наседнуваат и подлегнуваат на вакви и слични измами и особено да внимаваат на кого ги споделуваат податоците од личните документи. Сите сомнителни случаи од ваков вид да ги пријават во Полициска станица или на бесплатниот телефонски број 192.