Македонија
4. May 2022 - 20:04

Преговори на СОНК и Владата - не се откриваат детали по состанокот

Нема детали од помирувањето меѓу СОНК и Владата. Двете страни на денешните двочасовни преговори се договориле да не даваат изјави додека трае процесот на помирување со помош на посредник. Единствено што е јасно по оваа втора средба е дека постои оптимизам дека спорот ќе  биде решен и дека преговорите ќе продолжат во петок.

 Денеска не се разговарало за продолжување на учебната година за да се надоместат деновите поминати во штрајк, но и тоа ќе биде дел од разговорите. А ќе се разговара и за исплата на платите на штрајкувачите. Веќе има информации дека пресметките за плата се враќаат во училиштата со назнака дека таа нема да се исплаќа за тие што штрајкувале.

СОНК влезе во штрајк со барање за зголемување на платите за 18,4%, Владата понуди 12 и преговорите пропаднаа. Штрајкот беше ставен во мирување согласно закон за мирно решавање работни спорови. Од четвртокот кога беше назначен посредник, тече рокот од 10 дена за наоѓање решение. Во случај, една страна да остане незадоволно, рокот се продолжува за уште десет дена.