Преглед на вестите од светот
Дипломатски прествт во Обединетите нации. Германската агенција ДПА јавува дека во пресрет на третата годишнина од почетокот на руската инвазија, Соединетите Американски Држави сакаат да поднесат резолуција со која Русија не е именувана како агресор во војната во Украина. Овој предлог се смета за контранацрт на текстот кој веќе го подготвија Европската Унија и Украина, кој според најавите, требаше да биде ставен на гласање в понеделник на 24 февруари.
Како што јавува ДПА, нацрт-резолуцијата на САД не повикува на повлекување на руските трупи од украинска територија. Во меѓувреме, САД и Украина се се поблиску за да го постигнат договорот за суровини. Договорот би значел воена поддршка за Киев во замена за половина од приходите генерирани од ретките метали во Украина. Сепак, иако украинскиот претседател Зеленски веќе изјави дека тимови од двете земји работат на нарт-текст, Sky News јавува дека тој се уште не е подготвен да го потпише договорот бидејќи во него гледа „голем број проблематични прашања“.
Во период на геополитички потреси на Западот, францускиот претседател Макрон оди во Вашингтон со цел да ја смири ситуацијата.
Во пресрет на средбата универзитетскиот професор Филип Голуб во изјава за Ројтерс вели дека Макрон верува дека може да му влијае на Трамп.
- Претседателот Макрон очигледно верува дека може да има некаков импакт на процесот на носење одлуки во САД во време на криза, трансатлантска криза. Ваков момент немаме видено во трансатлантската историја подолго време, всушност никогаш немаме видено вакво нешто. Имаше период на криза за време на војната во Ирак во 2003. Таа беше остра, но не како оваа. Сметам дека Макрон верува дека треба да одигра историска одлука. Дали ќе успее да постигне нешто, сепак, е сосема друго прашање, вели Голуб.
За две недели отсега претставниците на САД и Русија планираат повторно да се сретнат. Според руските официјални служби, состанокот ќе се одржи во трета земја.
Додека мирот во Украина се чини се поблиску, раселени украинци од териториите кои сега ги контролира Русија се обидуваат да се вратат во родните краишта. Жители на Пески и Авдејевка, две населени места во предградието на
Доњецк веќе ги посетија старите домови.
- Како се чувстувам? Не можам да разберам каде дојдов и каде се наоѓам сега. Знаејќи какви беа работите тука, јас не можам да препознаам ништо. Ни беше кажано дека е возможно да се направат некои процедури за го утврдиме количината на уништување, па дојдовме тука.
Хамас ослободи израелски заложници во замена за стотици палестински затвореници. Шестмината заложници беа предадени на претставниците на Црвениот крст. Станува збор за четворица заложници на возраст од 22 до 27 години кои беа грабнати за време на најголемиот напад врз израел во октомври 2023 – што беше причина за воената интервенција од Израел, како и двајца други заложници кои повеќе од 10 години беа чувани во Газа.
Предавањето на заложниците се следеше во Тел Авив.
Дојдов тука со целото целото семејство за да бидеме заедно. Мислам дека цел Израел треба да биде заедно и да биде поддршка за семејствата, за луѓето, за заложниците во Газа, до крајот.
Хамас соопшти дека е подготвен да премине во втората фаза од Договорот за прекин на огнот во Газа. Договорот, кој стапи во сила на 19 јануари, содржи три фази. Втората фаза значи ослободување на сите израелски заложници на Хамас, а Израел да ги одлободи претходно договорен број на палестински затвореници и притвореници. Третата фаза ќе значи враќање на телата на загинатите заложници во Газа, по што се очекува да почне и петгодишен план за реконструкција на Газа.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар