Loading Video...
Свет
27. September 2024 - 12:25

Преглед на вестите од светот

Претседателот на САД Џо Бајден за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа соопшти дека ќе обезбеди воена помош за Украина во вредност од повеќе од осум милијарди долари, а со цел Киев да добие потребна помош за победа во војната против Русија. Зеленски му се заблагодари на Бајден, како и на Конгресот, за новиот пакет воена помош.

Американската потпретседателка и кандидатка за претседател од редовите на Демократската партија, Камала Харис, на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека повиците Украина да и отстапи дел од својата територија на Русија се „опасни и неприфатливи“.

Како што јавуваат американските медиуми, нејзиниот коментар е критика на сугестиите на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и неговиот кандидат за потпретседател, сенаторот Џеј Ди Венс, дека Украина треба брзо да склучи договор за ставање крај на војната.

-Тоа не се предлози за мир, туку предлози за предавање, рече Харис.

Пресврт и од таборот на Трамп. Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека денеска во Њујорк ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Средбата треба да биде во кулата Трамп на 5-та авенија на Менхетен.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас го повика Генералното собрание на ОН синоќа да ја запре војната во појасот Газа меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, велејќи дека Израел речиси целосно ја уништил Газа и дека таа повеќе не е погодна за живот.

Тој додаде дека палестинската управа треба да ја искористи својата целосна јурисдикција на појасот Газа и на сите гранични премини, вклучително и Рафах.

Абас на Генералното собрание на ОН рече дека визијата на власта за повоената ера во Газа вклучува дозволување помош за Газа, целосно повлекување на Израел од Газа и враќање на раселените Палестинци во нивните домови.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок повика да се избере првата жена што ќе ги предводи Обединетите нации, барајќи од меѓународната организација да избере жена генерален секретар по речиси 80 години машко лидерство.

Жените сочинуваат 50 отсто од секоја земја, рече Бербок на Генералното собрание на ОН во Њујорк, „но во 80 години оваа организација никогаш немала жена генерален секретар“.