Loading Video...
Македонија
29. November 2023 - 12:33

Преглед на вестите од светот

Последен ден од продолженото примирје меѓу Израел и Хамас. Денеска треба да биде ослободена нова група на заложници кои се во рацете на палестинската воена организација. Израелските власти инсистираат во оваа група да биде ослобоен и некој од заробените војници, но засега нема позитивен одговор. 

Паралелно со процесот на ослободување на затвореници и заложници, течат и преговори за долгорочен прекин на огнот. Синоќа во катарската престолнина Доха, средба имаа директорот на ЦИА Вилијам Барнс и шефот на разузнавачката служба Мосад Дејвид Барнеа со шеикот Мохамеб бин Ал Тани. 

По средбата, утрово со соопштение се јави Хамас. Од палестинското воено крило велат дека се подготвени за продолжување на примирјето за нови 4 дена.

Ние прифаќаме да продолжи примирјето, кое е условено со ослободување на заложници, но само под исти услови како досега, се вели во соопштението на Хaмас.

Заедно со денешниот, примирјето во Газа трае 6 дена. Вкупниот број на заложници кои Хамас ги ослободи од почетокот на прекинот на огнот минатиот петок сега изнесува 81, додека Израел ослободи 180 затвореници.

Шведска може да стане 32 земја членка на НАТО до крајот на годината. Ваква најава добил шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром на состанокот со неговиот турски колега Хакан Фидан.

Шведска и Финска побараа да се приклучат на НАТО минатата година по воената инвазија на Русија на Украина. Но, турскиот претседател Таип Ердоган, чија земја е членка на НАТО, изрази приговори поради, како што рече, заштитата што двете земји им ги даваат на групите кои Анкара ги смета за терористи. Турција ја одобри кандидатурата за членство на Финска во април, но ја остави Шведска да чека, додека не биде постигнат договор.

Американски воен авион Оспри се урна во океан во близина на јапонскиот остров Јакушима, соопшти јапонската крајбрежна стража. Во авионот имало осум лица и засега нема информации за нивната состојба.

Во моментов не се познати причините за падот на авионот. Локалните жители пријавиле дека пламен се гледал на левиот мотор на авионот пред да падне во океанот. Крајбрежната стража добила повик од рибарски брод, кој се наоѓал во близина на местото на несреќата. Јапонската крајбрежна стража пронашла едно лице и остатоци во океанот за кои се верува дека се од американскиот воен авион.