Loading Video...
Свет
9. March 2024 - 16:51

Преглед на вестите од светот

Петмина загинаа, а десет се повредени откако врз нив паднале пакети хуманитарна помош фрлени од авиони во кампот Ал Шати во појасот Газа. Падобраните не се отвориле и паднале врз луѓето кои ја чекале помошта. Дел од повредените се во тешка здравствена состојба. 

Хуманитарна помош во Газа преку авиони фрлија Соединетите Американски Држави, Јордан, Египет, Франција, Холандија и Белгија. Засега не е познати чии се пакетите кои ги убиле луѓето. 

Западот се обидува да им помогне на жителите на Газа преку хуманитарна помош, а викендов се очекува да биде отворен поморскиот хуманитарен коридор меѓу Кипар и Газа. 

Но во Газа не паѓа само хуманитарна помош, туку и бомби. Само во последните 24 часа, според палестинското министерство за здравство, загинале 82 луѓе. Вкупниот број на загинати од почетокот на војната во палестинската енклава се искачи на скоро 31.000.

Ширум светот се зголемуваат повиците за запирање на воените дејствија. 

Во Лондон поголем група побара да запре поддршката за Израел.

-Запрете го геноцидот, престанете да го вооружувате Израел, престанете да убивате деца и бебиња. Ова не може да продолжи, мора да го запреме, ни треба мир, крај на крвопролевањето. Мора да го бојкотираме овој режим, неприфатливо е, вели Гилиан Бејли. 

Вицепремиерот во српската влада, Ивица Дачиќ ќе претседава со Владата до изборот на нова. Досегашната премиерка Ана Брнавиќ е предложена за нова претседателка на српскиот Парламент. 

Во меѓувреме, познати се можните датуми за новите избори во Белград. Белграѓани ќе гласаат или на 28 април или на 5 мај, откако по неколку неуспешни обиди да се одржи конститутивна седница на градското Собрание во Белград, пред една недела беше донесена одлука да се оди на нови избори. 

Резултатите од локалните избори во српската престолнина резултираа со големи протести откако опозицијата обвини за кражба. Поради тоа, сега Србија ги повика ОДИХР да го набљудуваат изборниот процес, иако станува збор за локални избори. 

ОДИХР кон крајот на минатиот месец го објави конечниот извештај за изборите. Во извештајот се вели дека претседателот Александар Вучиќ заедно со систематската предност на владејачката партија создал нефер услови за учесниците. 

Американскиот претседател Џо Бајден ја прифати фрлената ракавица од неговиот најверојатен противкандидат на претстојните избори, Доналд Трамп. Бајден е отворен за директна конфронтација и дебата, но вели дека тоа ќе зависи од однесувањето на Трамп.

Во годините на претседателски избори, Комисијата за претседателски дебати најчесто организира три дебати меѓу кандидатите. На минатите избори, на кои американските граѓани избираа меѓу Бајден и Трамп, двајцата дебатираа двапати, но третата беше откажана.