Предвремени парламентарни избори во Македонија
Во Република Македонија денеска се спроведуваат избори за пратеници во Собранието. Ова се досега деветти парламентарни избори во Македонија, а четврти предвремени од 2008 година. Право на глас според Избирачкиот список имаат 1.784.416 граѓани, од кои 1.531.368 граѓани во Македонија.
Гласањето започна во 7:00 и ќе трае до 19:00 часот. Изборите се спроведуваат според пропорционален модел во шест изборни единици со 3.480 избирачки места во Македонија и во Седмата изборна единица која ја опфаќа дијаспората каде има 46 избирачки места. Гласањето во дијаспората се одвиваше вчера, кога се изјаснуваа и болните и немоќните, затворениците и лицата во притвор и внатрешно раселените лица.
Избирачкото ливче ги содржи имињата на сите 11 коалиции и партии што имаат 58 листи со 1.092 кандидати. Во онаа изборна единица каде поголем број од жителите се припадници на некоја од заедниците избирачкото ливче е на македонски јазик и на нивниот мајчин јазик.
На изборите учествуваат Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Демократската партија на Албанците (ДПА), Демократската унија за интеграција (ДУИ), Коалицијата предводена од СДСМ, Коалицијата „За промени и правда-Трет Блок, Партијата за демократски просперитет (ПДП), Коалицијата „Алијанса за Албанците“, Либералната партија, ВМРО-За Македонија, Движење БЕСА и Левица.
Карактеристично за овие избори е што првпат Избирачкиот список содржи фотографии на лицата запишани во него со цел да се спречат злоупотреби. Гласот на граѓанинот ќе биде важечки само со заокружување на една листа на кандидати или кандидат или доколку тој го заокружил името и презимето на носителот на листата или симболот на подносителот на листата.
Предвремените парламентарни избори во Македонија се одржуваат како резултат на напорите на политичките партии и меѓународната заедница за излез од двеиполгодишната политичка криза во земјата.
Последните парламентарни избори во Македонија, кои исто така беа предвремени, се одржаа на 27 април 2014 година.
Ново на Сител
-
Општина Аеродром казни угостителски објект со 6.000 евра за бучава поголема од дозволеното
-
Од утре попладне дожд, во сабота 28 степени
-
Тешка сообраќајка на влезот во Битола, две жртви и едно тешко повредено лице
-
Приведени дрвокрадци во неготинско, следува пријава
-
Додик не дојде на сослушувањето во Обвинителството на БиХ
-
Танкер со нафта се запали во Северното море откако се судрил со товарен брод
-
Песков: Америка сака да види дека Киев сака мир за време на разговорите со Украина во Ријад
-
Поради сообраќајка на магистралниот пат Битола-Прилеп сообраќајот се пренасочува по регионалниот пат