Предлог-програмата за годишнини во 2017-та поддржана од Комисијата за култура
Дваесет и седум годишнини содржи Предлог-програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија за 2017 година, која денеска беше разгледана на собраниската Комисија за култура. Пратениците-членови на Комисијата донесоа заклучок Предлог-програмата да се проследи и усвои на седница на Парламентот.
Меѓу годишнинте кои се предложени за чествување идната година се сто години од раѓањето на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров и 90 години од раѓањето на претседателот на првата (експертска) Влада на РМ Никола Кљусев, 60 години од смртта на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто и десет години од загинувањето на Тоше Проески, полувековен јубилеј од основањето на Македонската академија на науките и уметностите и од прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква.
Во Предлог-програмата за 2017 година се и годишнини од раѓањето на: Ѓорѓија Пулевски и Наум Миладинов (200 години), Андон Димитров (150 години), Борко Лазески и Борислав Траиковски (100 години), Димитар Кондовски и Димитрие Османли (90 години) и од смртта на: Димитар Поп Георгиев-Беровски и Иван Наумов Алабакот (110 години), Драган Ѓаконовски Шпато и Живко Чинго (30 години), Мајка Тереза и Видое Подгорец (20 години), Илија Милчин (15 години).
Покрај 50-те години од формирањето на МАНУ и од прогласувањето на МПЦ за автокефална, настани чии годишнини треба да се одбележат во 2017-ма се и 100 години од основањето на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград и десет години од основањето на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците - Скопје.
Годишнини поврзани со албанската етничка заедница кои се предложени за чествување следната година се и: 80 години од смртта на албанскиот писател и филозоф Ндре Мједа и 70 години од смртта на поетот и автор на албанската национална химна Асдрени, 50 години од смртта на книжевникот Митруш Кутели и 30 години од смртта на писателот и преведувач Лазгуш Порадеци.
Од турската етничка заедница е предлогот за одбележување 90 години од раѓањето на музичарот со турско потекло Ајри Демировски.
Претседателката на Комисијата за култура во Собранието на РМ Магдалена Манаскова соопшти дека до 117 институции од културата и науката биле испратени дописи со барања за доставување предлози. Од нив 26 доставиле, а седум одговориле дека немаат предлози.
Работна група на собраниската Комисија за култура ја составила Предлог-програмата која ги содржи оние предлози кои ги исполнуваат двата основни критериуми - значајност на личноста/настанот и временски интервал на годишнината.
Пратеничката Роза Топузова-Каревска, која е дел од работната група, истакна дека Предлог-програмата е издржана и балансирана, но очекува во иднина таа да биде уште подобра и, како што рече, во целост да ја отсликува историјата, културното минато и сегашноста на Република Македонија.
Забележа дека, како и во изминатите години, тешко собираат предлози од институциите и апелираше до нивните директори и вработени, особено од шесте национални институти, сериозно да ја сфатат задачата. - Имам впечаток дека испуштаме настани поради неажурност на институциите. Комисијата не може самата да измислува датуми и настани и да ја прави програмата, додаде Топузова-Каревска.
Ново на Сител
-
Бројот на заболени од грип во Струмица годинава речиси двојно поголем во споредба со истиот период лани
-
Намаленото ниво на езерото ги загрижи еколозите
-
Дрвокрадство во Прилепско
-
Преглед на вестите од светот
-
Зошто храната е скапа?
-
Над 1.200 лажни дојави за бомби за помалку од три години
-
Тема на денот со Борче Треновски, универзитетски професор по економија
-
Над 240 дојави за бомби во училиштата - сите се лажни