Македонија
29. November 2023 - 19:53

Предизборна кампања или реална помош? - Реакции за антикризните мерки

Пензионерите се незадоволни од антикризните мерки. Велат не е фер некој да земе 3 илјади, а некој 1.500 Со ова, според нив, се прави уште поголема поделба и нема да се подобри животниот стандард. Се сомневаат во манипулација во очи изборите.

„Нас ни изгледа како предизборна кампања. Додека почнат изборите ќе им даваме, ќе земеме некој глас од овие пензионери оти знаат дека пензионерите никој не може да ги натера со сила да ги гласаат, освен со нешто ако добијат позитивно за нив, односно за нивниот живот. Четири месеци сме на улица. Тие за четири месеци не најдоа за сходно ништо да преземат, сега најдоа?“ – Верче Јанческа, пензионерка

Тие не отстапуваат од своите барања за линеарно покачување за сите и најавија нов голем протест во Скопје на петти декември.

Од друга страна, бизнис конфедерацијата ја поздрави одлуката за фирмите кои ќе ги зголемат платите на вработените од 3 до 9 илјади денари да не плаќаат придонеси.

„Тоа е прекрасен чекор. Тоа го правевме со години наназад. Дел од платите беа субвенционирани, односно беа ослободени од социјални придонеси. Мерката беше користена од преку 280 илјади вработени во јавниот сектор“ – Миле Бошков, претседател на бизнис конфедерација

Економистот Павле Гацов вели со оглед дека платите од последниот квартал ќе бидат репер од кој ќе се мерат условите за субвенционирање, очекуваме во месеците ноември и декември кај заинтересираните компании да има намалување на платите на вработените за да се освои подобра позиција.

„Мерката ќе биде непристрасна и „неранета“ доколку како референтна плата за споредба се користи просекот на платите од месеците август, септември и октомври 2023 година. Важно е мерката да се однесува на сите вработени, сите плати и сите компании, односно да не се лимитира само за оние со пониски плати“, пишува Гацов на ФБ.

Финансиска помош ќе имаат и учениците од семејствата со ниски примања до 50 илјади денари, а студентите кои не учат во градот каде што се родени, ќе добијат ваучер за превоз.

„За начинот на кој учениците и студентите ќе можат да аплицираат, за критериумите, условите и роковите за искористување на овие мерки, Владата и Министерството за образование и наука ќе објават подетални информации во следните неколку денови“, велат од МОН.

Реагираа и партиите. Од ВМРО-ДПМНЕ во пакетот препознаваат поткуп.

„Со овој пакет на мерки не се носат системски мерки кои значително ќе ја подобрат положбата на пензионерите, социјално загрозените и семејствата со ниски примања туку се врши еднократен поткуп на гласови, со пари кои оваа Влада ги задолжува сите граѓани. Го зголемија долгот за да поткупуваат гласови“ – Ивица Томовски, ВМРО-ДПМНЕ

Од Социјалистичката партија велат „со овие мерки владата на СДС и ДУИ повторно ги потценува и омаловажува граѓаните. Мерките се задоцнети и не се доволни за да имаат одржливост. Власта не ги компарира овие средства со инфлацијата која ги осиромаши  граѓаните, а со овие мерки изгубениот стандард не се компензира“.

Пакетот беше објавен вчера и тежи 662 милиони евра. Мерките стапуваат на сила од петок, а првите исплати ќе започнат по Нова година.