Македонија
1. April 2024 - 12:15

Пред стартот на сеидбата на ориз производителите со стари проблеми

Оризарите од Кочанско и првиот човек на АД Водостопанство „Брегалница“ со дијаметрално спротивни ставови по однос на иста проблематика. Оризопроизводителите обвинуваат дека каналите за наводнување не се исчистени, а сеидбата на ориз е на прагот, додека директорот на хидроситемот за наводнување го тврди спротивното.

-Вадите уште не се исчистени. Со ова темпо вадите да се чистат до 11 октомври нема да се исчистат. Нема машини, нема пари, нема ништо, ситуацијата е статус кво, изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево.

-Повеќе од 60% од вадите се исчистени, можам слободно да кажам и по катастарски општини каде 100% е завршено чистењето, во Виница, Јакимово, Зрновци. Во Грдовци, Прибачево, за ден – два завршуваме и таму. Во Кочани продолжуваме, исто така, според планот за работа-изјави Благојчо Богатинов, директор на АД Водостопнаство „Брегалница“.

Несогласувања постојат и во однос на зголемувањето на површинити посеани под ориз. Земјоделците сметаат дека и постојните не можат успешно да се менаџираат со наводнување и дека ова е обид само да се полни касата на водостопанство, а квалитетот на услугата ќе опаѓа.

-Готови пари ќе земаат. Тие ќе пуштат вода, а како понатаму ќе течат работите, нив не ги интересира. Сигурно со 1000 ха ќе ги зголемат површините, додаде Арсов.

Богатинов пак појаснува дека се работи за многу помалку и тоа го прават на барање на производителите од катастерска општина Оризари.

-Оваа година планираме од ориз да бидат посеани 3700 хекатри, значи 200 хектари повеќе за разлика од минатата година. Површините се зголемуваат по иницијатива на водокорисниците, односно земјоделците, изјави Богатинов.

Во моментот браната Калиманци е полна со 102 милиони метри кубни вода, а полниот капациетет е 118 милиони. Оваа количина, според Богатинов, е доволна за да ги задоволови потребите за претстојната сезона на ориз, но за и наводнување на останатите култури во Овче Поле.