Македонија
26. February 2016 - 13:11

Пречистителната станица кај Гевгелија ќе биде готова до август годинава

Според темпото со кое сега се одвиваат градежните работи, реално е да очекуваме дека Пречистителната станица кај Гевгелија ќе биде готова до август годинава, најави денеска програмскиот менаџер на Швајцарската агенција за развој, Франсоа Салам Гуекс на средбата со градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов.

- Кога го велам ова,пред се мислам на Швајцарскиот дел од обврските во чии рамки се реализира градежниот дел и монтирањето на опремата во Пречистителната станица,а верувам дека и грчкиот дел од обврските кој се состои од изградба на административната зграда и приодните сообраќајници исто така ќе биде готов до август, рече Гуекс.

На средбата се разговараше исклучиво околу реализацијата на овој капитален проект,вреден 9,7 милиони евра од кои најголемиот дел од средствата го обезбеди Швајцарката агенција за развој,а остатокот го обезбедија владите на Македонија и Грција.

Градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов,изрази надеж дека до август ќе проработи пречистителната станица и нагласи дека со изградбата на мостот преку Сува река и приодниот пат,нашата земја веќе го реализирала својот дел од финансискиот договор за проектот со кој ќе се обезбеди заштита на реката Вардар во јужниот тек и во целиот пограничен регион.