Македонија
3. November 2019 - 15:41

„Празијада“ во Градашорци

Пита, баница и други домашни, традиционални специјалитети од праз можеа да се дегустираат на манифестацијата „Ден на празот“ што се одржа денеска во населеното место Градашорци, општина Василево.

-Учествувам три години по ред на Празијадата. Со голема љубов подготвивме повеќе специјалитети од праз-пита со праз, куглов со праз, баница и многу други. Празот е здрав за човечкиот организам и треба секој да го консумира, рече Јасмина Митева од село Василево, која заедно со мајка и Јагода Трајкова се преставија со свои јадења.

На „Денот на празот“ присуствуваше и градоначалникот на Василево, Марјан Јанев.

-Оваа манифестација значи многу за општината. Дванаесет години преку нејзините содржини го промовираме овој здрав зеленчук, го доближуваме до граѓаните. Ако на почетокот намерата била да се промовира празот како култура и Градашорци каде се произведува најквалитетниот праз во државата и на едно место да се соберат производителите, откупувачите и преработувачите, денес кога заштитата на животната средина е сé почеста тема, можам да пренесам оттука дека на нашите ниви се произведува здрава храна, рече Јанев.

И годинава посетителите, кои ги имаше од многу градови од државата и од Република Бугарија, можеа да ја покажат своја хуманост на дело, донирајќи парични средства за специјалитетите од праз што ќе посакаат да ги дегустираат. Собраните парични средства општината ќе ги донира на оние на кои им се најнеопходни.

На „Денот на празот“ настапија ученици од општинските училишта, културно-уметнички друштва, како и музичка група која се погрижи за забавниот дел од манифестацијата.

„Ден на празот“ се одржа 12. пат во организација на Општина Василево.

Во организација на општина Ново Село, пак, денеска, под Смоларскиот водопад, се одржа манифестацијата „Костенијада 2019“.