Македонија
28. August 2022 - 16:47

Православните верници денеска го одбележуваат Успение на Пресвета Богородица со посета на црквите и манастирите

Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Успение на Пресвета Богородица, познат како Голема Богородица. Голем број верници ги посетија црквите и манастирите низ цела држава и ги упатија своите искрени молитви.

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан по повод празникот чиноначалствуваше со Светата божествена литургија во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка. Од таму порача дека празникот треба достојно да се прославува бидејќи Мајката Божја е заштитник на сите нас.

За граѓаните одбележувањето на овој празник има огромно значење, бидејќи Голема Богородица е еден од најголемите христијански празници.

Честититки по повод празникот упатија Претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Од сѐ срце ви посакувам празникот посветен на Пресвета Богородица да го поминете во добро здравје, исполнети со радост и среќа. Нека молитвите кон Пресвета Богородица, ги стоплат нашите срца и нѐ облагородат со смирение, духовност и верба во иднината, напиша Пендаровски.

- Упатувам честитки и искрена желба да најдеме сите во себе внатрешна сила и истрајност, да се прилагодиме кон новите дискурси и да придонесеме во полесно надминување на идните предизвици. Верата не учи да негуваме позитивни вредности, а празниците ги нагласуваат уште повеќе, напиша Џафери.

- Со празнувањето на овој голем ден покажуваме почит кон делото на мајката Божја кое низ вековите е длабоко вкоренето во нашата традиција и култура и токму тоа е она што ни дава духовна сила и не води кон патот на радоста. Секоја борба е трнлив пат, испреплетен со неправди и предизвици, но истрајноста и посветеноста на тој пат секогаш води до успех, напиша лидерот на опозицијата.

По повод празникот пак, традиционално црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина, во Домот на АРМ, организираа крводарителска акција.