Православна Нова година, Oбрезание Христово, Св. Василиј Велики
На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова година.
Според еврејските закони, секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ. Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите туку за да ги потврдува и да служи за пример. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос (грчки збор што значи помазан). Во Евангелието според Лука е запишано: „А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.” (Лука, 2, 21) Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово на осмиот ден по Божик ‒ денот на Христовото раѓање.
Како што може да се види „Христос го прими обрезанието како што предвидуваше Старозаветниот закон. Бидејќи се роди и живееше во конкретна средина, ги пазеше сите одредби и обичаи на таа средина. А бездруго обрезанието треба да се протолкува низ богословието на понижувањето (кеносисот), што го прими за спасение на човечкиот род.” Имајќи предвид дека празникот на Христовото раѓање не е од најстарите Господови празници, дека најпрво споменот на Христовото раѓање бил слеан во Богојавление, денот на неговото крштевање, (односно на неговото духовно раѓање), и дека подоцна тој настан е поврзан со денот 25 декември, може да се рече дека и денот на Господовото обрезание подоцна е ставен на осмиот ден по раѓањето. Како што се пее во еден тропар „Слегувајќи Спасителот при родот човечки го прими повивањето во пелени; не се одврати од плотското обрезание…” Христос, како што од љубов и човекољубие го прими повивањето со пелени, така го прими и плотското обрезание. Тоа крајно снисходење и понижување Христово, од црквата се смета за голем Господов празник.”
Треба да се спомене и тоа дека Исус со обрезанието покажа дека примил вистинска човечка природа. „Тоа е многу значајно, затоа што во древната црква се појавила една ерес која се нарекува докетизам и која тврдела дека Христос не прими вистинска човечка природа, вистинско човечко тело, туку привидно тело.”
Во таа смисла обрезанието има врска и со крштевањето. Зашто, ако како што вели свети Јован Златоуст „плотското обрезание ги одделуваше Израелците од јазичниците” со светото крштение се одделувале верните од неверните. „Луѓето со обрезанието стануваа добри Израелци, избран народ Божји. Со Крштението и воопшто со животот во Христа луѓето стануваат деца Божји, го стекнуваат посинувањето по благодат и ја победуваат смрта.”
Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска. Роден е во овој град, во 329 година, од побожни родители, татко кој исто така се викал Василиј и мајка Емилија. Уште мал се стекнал со образование, примил свештенички чин и го учел народот на божјата наука. На големата популарност му завидувал тогашниот владика во Кесарија поради што Василиј заминал во пустина каде што останал до смртта на владиката. Потоа се вратил и бил поставен за владика, направил многу добри дела по кои црквата сè уште го споменува. Умрел на 1 јануари 389 (според некои 379) поради што црквата секоја година на овој ден го празнува споменот на неговото име. Останал како пример за позитивни човекови особини поради што црквата го нарекла Велики.
Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја. Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат. За заштита од овие негативни демони човекот во овој период избегнувал некои потешки работи, но изведува и разни магиски заштитни дејствија. Особено познати се некои обичаи, како бабарските, русалиските и сл. од кои траги на почвата на Македонија се одржале до денес. Посебно интересна е една драмска игра со маски која се среќава на теренот на цела етничка Македонија, но секаде со различни имиња според имињата на учесниците во играта: во Охридско ‒ василичари, во Битолско ‒ бабари, во Скопско-џамалари, во Тиквешијата ‒ џаламари, во Разлошко-сурваскаре, во Костурско и други места во Егејска Македонија ешкари итн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови, сепак, таа најчесто е поврзана со празникот Василица.
Важно е да се одбележи дека како ретко кој празник децата одделно од возрасните Новата Година ја пречекуваат со посебни обичаи, игри и песни кои многу се различни од оние што ги изведуваат возрасните, но се блиски до обичаите и песните што се изведуваат на Бадник. И на Василица како и на Бадник групи деца најпрвин околу заедничкиот оган, а потоа одејќи по куќите низ селото или градот, пеат пригодни песни за што добиваат подароци. И овие песни како и коледарските од Бадник немаат развиена мелодија туку се кажуваат со скандирање, со карактеристични извици на почетокот и на крајот, а и во мотивска смисла се блиски. Низ песната се искажуваат многу убави желби и благослови за родна година:
Сурова, сурова година
голем клас на нива,
голем грозд на лоза
жолт мамул на леса,
живо здраво до година.
до година до амина.
Децата, исто така, носат прачки, дренови или сливови, со кои ги удираат луѓето, особено старите и болните лица, обичај што се вика суровење, што значи и тие да се сурови (здрави) како прачката. Тоа се прави и со домашните животни особено со коњите, воловите и овците поради што домаќинот василичарите ги одведува во шталата.
Возрасните за овие прослави се подготвуваат од порано. Тие набавуваат прибор за маскирање, предмети за тропање и правење врева, како ѕвонци, клопотарци, тенеќиња, тенџериња, но и музички инструменти: гајди, кавали, тапани и сл. Со овие реквизити се создава голема врева која има цел не само да создаде весела атмосфера туку и да ги заплаши и избрка лошите духови.
Во василичарските дружини одат луѓе веселници, луѓе што знаат да се шегуваат. Обичаите што притоа ги изведуваат претставуваат вистинска народна драма со точно определени улоги на учесниците, со маскирање и други елементи присутни во фолклорниот театар.
Во Скопско овие дружини броеле 30 до 50 учесници од кои се избирале четворица „маскарџии”. Меѓу нив двајца биле „старци”, а други двајца ги играле улогите на две млади жени ‒ невестата и орваната. Другите учесници во тајфата претставувале „деца” или „војска”. Во играта што ја играле добриот старец го убивал лошиот, што значело дека добриот дух го убивал лошиот што од друга страна, пак, требало да значи обезбедување на благостојба во куќата и богат род на земјоделските култури. Во Горноџумајско овие дружини броеле 15-20 момчиња и се викале „сурваскаре”. Еден од нив го викале мечка, друг мечкар, трет се правел невеста и бакнувал рака. Во селата Емборе, Дебрец и Палиор во егејскиот дел на Македонија се играла Мала и Голема Ешка. Првата ја изведувале децата, а втората возрасните. Во Дебарца (Охридско) главни актери во оваа игра биле зетот, невестата и гатачот.
Овие василичарски дружини во секоја куќа, или, ако не ги пуштале да влезат поради тоа што биле многу вулгарни, во дворот ја играле споменатата драмска игра за што добивале подароци (месо, грав, компири, зејтин и др.) од кои правеле заедничка гозба. Таму, пак, каде што не ги дарувале правеле некоја штета најчесто кршеле нешто што ќе најделе во дворот на пр. плуг, брана, кола и сл. Се внимавало две василичарски дружини да не се сретнат зашто редовно доаѓало до тепачки што траеле се додека некој не загинел за што сведочат топонимите Василичарски гроб, Бабарски гроб итн. што ги има низ цела Македонија.
Постојат повеќе обичаи и верувања што се директно поврзани со започнувањето на Новата година. Тука во прв ред е прогнозирањето на среќата и напредокот на секој член од семејството како и на стоката и на земјоделските култури. Во загреана пепел или во нагорена црепна се ставаат зрна жито и во зависност од тоа колку ќе скокне зрното се гледа колку ќе има напредок во претстојната година. Исто така, во црепна се ставаат жарје и се покриваат со вршник, а потоа се гледа тие што се изгорени со бела пепел ќе имаат напредок, а тие што се изгаснати, црни јаглења, ќе доживеат болест и несреќа. На Василица во некои места месат и погача или баница со пара, како што тоа во повеќе места се прави на Бадник, и со тоа се прогнозира кој член од семјството ќе биде најсреќен. Според некои верувања на Василица секој требало да облече нешто ново за да го износи во текот на годината.
Во Разлошко спроти Василица се правела „Суровна најатка” и така се викала бидејќи вечерта децата оделе на сурова и со дренови гранки ги сурвакале возрасните посекувајќи им здравје во новата година. Суровната најатка се правела со мрсна храна. Притоа се правела и пита во која се ставале и паричка и гранка од дрен. И овде се верувало дека тој што ќе најде парата ќе биде богат, а тој што ќе ја најдел дреновата гранка ќе бидел успешен земјоделец и ќе спечалел многу стока.
Во селото Битуше наспроти Василица правеле суровици и низалки со костење. Суровиците ги правеле од едно лозово и две дренови гранчиња, изврзани со бел и црвен преден волнен конец. Суровицата била долга околу шеесетина сантиметри, а на врвот се врзувала рачно плетена киска и сребрена пара. Во минатото суровици се правеле за машките деца, а во поново време се правеле суровици и за женските деца. Низалките се правеле од костени, на тој начин што на подебел конец со игла се нижеле варени костени. Меѓу костените се ставале шеќерчиња, а во средината на низалката се врзувало и варено јајце. Во поново време наместо јајце се ставало чоколадо.
Во селото Вевчани се одржува прочуениот Вевчански карневал кој од година во година станува сè помасовен и попопуларен. Како туристичка атракција тој е посетен од многу гости и тоа не само од нашава земја. Во формата во која денес се одржува во него гледаме мноштво традиционални обичаи, но и некои елементи што се од поново време. Во Вевчани Василица се празнува два дена, на 13 и 14 јануари (н.с.). Василичарите се организираат во групи, зависно од маалската припадност, во василичари од Горна и од Долна маала. Секоја од овие групи си има свој конак, каде што се собираат и подготвуваат. Секоја група си има свој василичарски бајрак, што се чува во црквата „Свети Никола” и се користи само во оваа пригода. Бајраците се носат пред поворката додека василичарите шетаат низ селото. Секоја василичарска група има традиционални ликови: зет и невеста, потоа поп, ѓавол и Глупавиот Август. Зетот, облечен во народна носија носи и патерица со која ги фаќа луѓето за вратот, ги доближува за да им бакне невестата рака, а тие да ја даруваат со пари. Невестата, секогаш е машко лице, облечено во невестинска облека и претставува симбол на плодноста. Составен дел на василичарските групи се и свирачите кои ги веселат присутните.
Василичарските поворки тргнуваат на 13 јануари (с.с.) на пладне. Одделно одат горномаалските и долномаалските василичари. Ги минуваат сите улици одејќи надесно и застанувајќи на секоја крстосница каде што играат. Василичарите ги посетуваат сите домови, играат ора и пеат песни по што добиваат дарови во пари или продукти. Насекаде се пее василичарската песна:
По мене бабо, по мене,
како струпска ертица,
како прилепска ножница,
сурва, сурва година.
Сурва, сурва година,
голем клас на нива,
голем грозд на лозје,
жолт мамул на леса,
црвено јаболко в градина,
живо-здраво до година,
до година до амина,
пара, пара домаќине!
Вечерта, по полноќ, околу 2-3 часот, откако василичарите ќе минат низ сите куќи се оди На вода на познатите Вевчански извори. Тоа е означено и со биење на камбаните. Тука се присутни сите селани сообено женскиот свет. На вода се носи литургија, котле или ѓум за вода, дрвена лажица и василичарска киска. Киската се прави од босилек, василичарка (растение со боцки) и гранки од дрен. Сите тие се поврзуваат со црвен волнен конец. На изворите попот испева молитва со што ја осветува водата. Потоа сите присутни во специјални садови земаат од водата и ја носат дома. Со оваа светена вода се попрскуваат сите простории во куќата. Со оваа вода се подготвува кашаник (тури-потпечи) во кој се става сребрена пара. Тој што ќе ја најде парата се смета за најсреќен во семејството. Киската се става над влезната врата и тука останува цела година како заштитник на куќата од разни лошотии: демони, несреќи, елементарни непогоди и сл.
На 14 јануари најпрвин се одело во црквата, а потоа низ селото. Тогаш се оди во сите домови во кои има Васил и се честита именденот. Попладне сите се собираат на средселото каде што се игра Василичарското оро. Секоја група имала свое оро, а потоа сите се обединувале во едно заедничко оро.
На 15 јануари се организирала заедничка гозба. Тогаш се броеле собраните подароци, главно парите, и се решавало за што ќе бидат искористени. Секогаш се користеле за некои добротворни цели, изградба на чешма, водовод, црква, училиште итн.
Во василичарските празнувања во Вевчани покрај традиционалните елементи, ликови, маски и сл. има и нови елементи, пред сè маски и активности со кои се критикуваат некои настани или личности од изминатата година. Поради тоа што оваа манифестација доби поголема масовност и атрактивност во 1993 година Вевчани со својот карневал стана член на Здружението на европските карневалски градови. Вевчанските василичари учествувале на многу карневали во светот.
Очигледно е дека обичаите и верувањата поврзани со празникот Василица потекнуваат од претхристијанско време и дека нивна цел е да обезбедат среќа и напредок на поединецот но и на пошироката заедница.
Народна песна
‒ Сива, сива Василица,
каде си се осивила?
‒ Тамо долу на Бел Дунав!
‒ Што имаше, што немаше?
‒ Ми имаше златна чаша,
златна чаша канатица,
ми канеше слава Божа,
слава Божа и Божика.
Божик ми е небото,
слава му е на земјата!
Оооооо и в година!
Благослов
Колку трна, претрна,
толку амбари пчејнца!
Колку капки сланина,
толку прасци в кочина!
Колку трошки сирење
толку јагниња, јариња!
Колку писма, преписма,
толку синчиња, ќерчиња!
Тропар
Нова година ‒ Обрезание на Господа Исуса (1/14 јануари)
Ти што седиш во висините на огнозрачен престол со Беспочетниот Отец и Божествениот твој Дух, си благоволил да се родиш на земјата од девојка, недопрена од маж, Твоја Мајка, Исусе. Поради тоа, си бил и обрезан како човек осмодневен. Слава на Твојата себлага одлука; слава на Твојата грижа; слава на Твојата милост, единствен Човекољупче.
Свети Василиј Велики (1/14 јануари)
Твојата проповед се рашири по целата земја; таа го прими твоето слово, со кое божествено учеше; си ја објаснил суштината на сè што постои; човечките обичаи си ги украсил, небеска светлино, оче преподобен, моли го Христа Бога да ги спаси нашите души.
Вевчански кашаник
Познат специјалитет што се правел во Вевчани, особено за празникот Василица, бил познатиот Кашаник. Се замесувал со крстената (светена, пејана) вода. Кашаникот се правел утрото на Василица, 14 јануари (н. с.) во него се ставала паричка и тој што ќе ја најдел при делењето на храната се сметал за најсреќен во текот на престојната година.
Кашаникот е некиснато тесто, мешавина од пченично брашно со квасец. По месењето тестото веднаш се пече во бакарна тепсија или черепна (црепна) со сач (вршник). За печењето на кашаникот е потребна и пирустија. Тепсијата се подмачкува со свинска маст (сало), сега тоа се прави со зејтин, потоа се полева о една губа (кора) од замесеното тесто. Потоа се става на пирустијата под која има жарје. Врз тепсијата се става сачот којшто претходно е вжарен на огништето (кланикот). Вака губите се печат една врз друга додека кашаникот е готов.
Кашаникот е вевчански специјалитет што редовно се служи на гостите на Василица. Се служи со луканки (вевчански колбаси) и со кисело млеко.
Ново на Сител
-
Кумановец чувал елени во штала без одобрение и дозвола - Следува кривична пријава
-
Захарова: НАТО се обидува да ја претвори Молдавија во центар за снабдување на Украина со оружје
-
Сопственикот и архитектот на хотелот во Турција кој се урна во земјотресот осудени на 18 години затвор
-
Во несреќата на азербејџанскиот авион во Казахстан загинаа 38 лица
-
Не застанал на полициско предупредување па удрил во полицаец - Уапсен 48 годишен скопјанец
-
Екипите на ДПИ на терен, се вршат контроли на цените на производите
-
Укината забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патот Кичево - Гостивар, преку Стража
-
Спасовски: Обраќањето на Сиљановска Давкова не понуди визија за иднината на државата