Македонија
18. July 2024 - 16:39

Пожарот во штипско се приближува кон гасоводот и ловиштата, загрозен е и животинскиот свет

Припадници на армијата, против пожарната единица, полицијата, но и ловџии и волонтери од утринава се на неколку позиции од штипската страна на планината Серта, кои од копно го гаснат пожарот кој се приближува до гасоводот, но и до ловиштето „Патрик“. Засега нема опасност за трите населени места Пеперово, Селце и Драгоево, зашто огнот во атарите на овие села е локализиран, но на овој потег ќе се преземат и дополнителни мерки.

- Веќе сме во комуникација со јавните претпријатија и приватните субјекти, лица кои можат да помогнат со  механизација за да се направат потребните обрачи и трасирање на линија која ќе биде заштитна зона, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Бидејќи пламените јазици се во непосредна близина на ловиштата, освен растителниот загразен е и животинскиот свет на ова подрачје. 

- Со ловното друштво од Штип и со другите организации кои се веќе на терен ќе се направат проценки по однос на тоа каква е настаната штета на територија на општина Штип, не само за жумите и дрвјата, туку и за животинскиот свет, додаде Јорданов

Според првичните проценки девастирана е огромна површина со шумска маса, но колкава ќе биде вкупната штета од пожарите кои со денови беснеат на планината Серта, дополнително ќе се утврдува.