Македонија
11. July 2024 - 16:38

Пожарот во Неготино се уште активен

Сѐ уште активен е пожарот кај Неготино. Пожарникари од околни општини, вработени во Јавни претпријатија, мештани и приватни компании веќе втор ден се обидуваат да го стават под контрола. 

Во текот на денот огнот се гаснеше со помош на хеликоптер на МВР кој исфрли 48 тони вода во 32 налети. Токму полицискиот хеликоптер ги спасил околните викенд населби кои во текот на денот беа во опасност. 

- Се огаснати краците коишто беа опасност за населбите, објектите и инфраструктурата што е таму, далекуводи и слични инфраструктурни објекти. Еден крак од пожарот е префрлен кон Конче и кон радовишко, вели портпаролот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Илија Бојаровски

Полицискиот хеликоптер е повлечен некаде околу 13:00 часот. Сега во гаснењето треба да се вклучи армиско летало. Но од ЦУК појаснуваат дека за тоа да се случи потребно е да се исполнат технички услови. 

- Да се исполнат некои технички услови во смисла на температура на воздухот. Тој некаде на температура над 37, 38 или 39 степени, не ме фаќајте за збор, не може да лета. Едноставно, температурата не дозволува во тоа време на денот да се лета, објаснува Бојаровски.

Кризниот штаб на општина Неготино попладнево имаше состанок. Ситуацијата полека се става под контрола, но оттаму велат дека најмногу од помош може да им биде хеликоптер.

-Единствено поради тоа што се соочуваме со терен кој е непристапен, единствено најголема помош би била доколку хеликоптерите на МВР и АРМ се на терен. Од сабајле имавме еден хеликоптер, сега во тек… мислам и дека е стигнат хеликоптерот на Армијата. Така што, очекуваме дека ќе го имаме контрола над пожарот. Можеби нема да биде изгаснат, но ќе биде под контрола,  вели претседателката на Кризниот штаб на општина Неготино, Гордана Јованова. 

Во јавноста се појавија информации дека питомци наАРМ се можни причинители на пожарот кои имале вежба во близина на местото кадешто избувнаа пламените јазици. Но, од Армијата велат дека токму тие биле првите кои се вклучија во борбата со пожарот. 

- Во текот на вчерашнот ден вежбовни активности на питомците се изведуваа на АП „Криволак“ и истите завршија во 10:00 часот. Се работи за две различни локации, односно на реонот каде започнал пожарот немало никакви активности од страна на припадниците на Армијата. Питомците заедно со останатите армиски припадници до доцните вечерни часови помагаа во гаснење на пожарот и истите продолжија и денеска да го гаснат пожарот од терен и од воздух, велат од АРМ.

Покрај истражните органи и самата војска ќе спроведе истрага за да биде сигурна дека нејзините припадници не се причинители на пожарот.