Бизнис
26. January 2023 - 16:32

Повеќе институции ќе ги зголемат платите на вработените со „специфични“ задачи

Од 30 до 60% повисоки плати ќе добиваат вработените во УЈП кои извршуваат специфични задачи. 

Во Предлог законот за УЈП, кој веќе е во собраниска процедура, се предвидува даночните службеници да можат да добиваат до 30% од основната плата за посебната одговорност која произлегува од работното место кое е од посебено значење за ефикасноста на Управата. 

Но, министерот за финансии, може да определи и поголем процент од овој - до 60 отсто од платата, за специфичните работни места за кои се потребни специфични квалификации.

Кои се тие специфични работни места и врз основа на кои критериуми ќе се утврдува додадокот од плата, од  УЈП без одговор. Во предлог законот стои дека специфичните работни места по предлог на министерот Бесими ќе ги утврди Владата.  

Во предвид ќе се земе анализата која ќе покаже дека платите на пазарот на труд за таквите работни задачи се значително повисоки од платите на даночните службеници, има голем одлив на кадар, или пак кога пазарот на труд нуди ограничена квалификувана работна сила за таквата работа. Покрај додатокот на плата за вредните работници кои ќе покажат добри резултати во областа на оданочувањето предвидени се и награди. Даночните службеници, по предлог на директорот, одобрени од министерот Бесими, ќе можат да добијат награда во висина од просечната исплатена плата во јануари годинава. 

Во предлогот е пропишано дека УЈП ќе може да си остварува и дополнителни средства во работењето и тоа 25% од приходите од откриени и наплатени даноци, од наплатени камати за ненавремно платени даноци, како и 5% од средствата наплатени во присилна наплата. 

Инаку вчера министерот за финансии Бесими обелодени дека и платите на неговите вработени од овој месец се повисоки за  30%, поточно за 32,7%. Како причина за зголемувањето бил големиот одлив на кадар од ова институција.

Со зголемувањето, речиси 665 вработени во ова министерство во просек добија по 250 евра покачување. Сега месечните плати во финансии достигнаа скоро 1.000 евра.