Македонија
12. January 2016 - 14:11

Потресни сведочења за хеликоптерската несреќа кај Блаце

Со положување цвеќе на спомен-обележјата и едноминутно молчење денеска пред Командата на ВБР во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец и кај катлановско Блаце, беа одбележани осум години од хеликоптерската несреќа во која загинаа 11 припадници на воздухопловната бригада (ВБР) на АРМ, кои се враќаа од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

Почит на загинатите им оддадоа челнови на нивните семејства, делегации од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, предводени од министерот Зоран Јолевски, претставници на Здружената оперативна команда (ЗОК) на АРМ.  

Таткото на загинатиот пилот Бране СпасовскиСтојан, истакна дека семејствата на загинатите се борат да ја дознаат вистината и ќе продолжат да трагаат, затоа што, нагласи, има виновници.

- Најважно е што ги обвинија починатите. А вистината, колку што знаеме ние нашата фамилија, тука загинаа, се гаѓани со проектил помеѓу Козле и Блаце, и сите загинале во ваздух. Зошто и како се гаѓани, тоа незнаеме. Нашите синови загинаа за да живееме подобро, но за нас-фамилиите се полошо, Стојан Спасовски.

Според него, двапати побарале од аеродромската контрола во Петровец да им дозволи да се спуштат, но не им било дозволено. Го постави прашањето зошто одговорниот контролор на летови во текот на осум години не излезе пред јавноста да каже дали е или не е виновен.

По барање на семејствата на загинатите мировници од АЛТЕА, информира тој, имале средба со Јавниот обвинител Марко Зврлевски, кој им ветил дека ќе им помогне, колку што е во негова надлежност, доколку ги поднесат сите документи со кои располагаат.

За  Цветан Јовановски од село Блаце, трагично загинатите припадници на ВБР се вистински херои, но, како што рече, жалосно е што нема никаков патоказ за да се стигне до спомен-обележјето подигнато на местото на несреќата, а нема и никако осветлување.  Инаку, во близина на куќата на Јовановски во село Блаце се урна хеликоптерот во кој животот го загинаа македонските мировници.

- Кога дојдов само видов паднат изгорен хеликоптер. Толку стопено железо незнам дали тоа може да биде од херозинот, а херозинот беше горе испуштен горе на 20 - тина метри над мојата куќа, се сеќава Јовановски, додавајќи оти хеликоптерот паднал на „памук“, овде е шума, појаснуваше, како паднал така ги сечел на метро дрвата.