Потенцијал за био економија има, недостасуват едукација, правна рамка и стратегии
Отпадот не мора секогаш да завршува на депонија и може повторно да се искористи. Ова го покажа и примерот на средношколците од училишптето Димитар Влахов од Струмица. Повеќе од 100 ученици во текот на последните месеци работеле на истражување на иновативни решенија засновани на био економија. Резултатите од нивните истражувања се голем број предмети изработени од стари материјали, алабастер гипс, рециклирана хартија, конец од јута, паднати листови од дрвја, гранчиња и хартиен отпад.
Од меѓународниот центар за одржлив развој на енергетски водни и околински системи велат дека примерот на средношколците само потврдува дека Македонија, со своите природни ресурси и големи количини био разградлив отпад, има голем потенцијал за развој на био економијата. Наместо да завршуваат на депонии, илјадници тони отпад може да се искористат како суровина за повторна употреба. Меѓутоа, недостатокот на соодветна едукација за управување со отпадот и недостатокот на правна рамка и стратегии се главните пречки за брз напредок во оваа област.
Вклучувањето на младите во истражувањата на био економијата е дел од проектот SCALE-UP, кој е финансиран од програмата на ЕУ, Хоризонт Европа. Целта на проектот не е само да ја едуцира следната генерација за важноста на био економијата, туку и да ги инспирира младите да продолжат со кариера во овој сектор, придонесувајќи за одржлив развој во нивните локални заедници.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар