Македонија
3. December 2021 - 16:48

Посмртните останки на загинатите во автобуската трагедија пренесени од Софија во Скопје

Со два борбено транспортни авиони на Бугарија пристигнаа телата на 45 жртви во автобуската катастрофа. 

45 ковчези со телата на настраданите беа пренесувани со воени почести од авионот до погребалните возила. 

Дамир Османов во автобуската катастрофа загубил 5-мина најблиски од семејството. Меѓу нив и неговата ќерка која заминала во Истанбул за да купи чеиз за свадата која била закажана на пролет. Османов порача откако достојно ќе ги испратат во вечните почивалишта ќе бара да ја слушне вистината за несреќата. 

Претседателот на државата, спикерот на Собранието, премиерот, претставници на ИВЗ и на МПЦ, со венец и поклон оддадоа последна почит пред телата на загинатите. 

Авионите пристигнаа со два часа задоцнување поради временски неприлики во Софија. Првично беше најавено поворката да помине низ главниот град за сите граѓани да можат да одадат почит кон настраданите. Роднините побараа поворката да биде откажана и телата на нивните најблиски да им бидат предадени на семејствата.