Последиците од договорите со Грција и Бугарија се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот, смета претседателот на МАНУ
Во обраќањето по повод Денот на МАНУ, нејзиниот претседател, академик Живко Попов, денеска се осврна на пречките на земјава на патот на зачленување во Европската Унија. Како што рече, пријателството, спремноста за соработка и отворениот дијалог со сите, а посебно со соседните земји „не секогаш беше возвратено на соодветен начин“.
-Напротив, некои од нив покажаа неразбирање и нерационално однесување. Евроскептицизмот кој се јавува во последно време е резултат на пречките кои ЕУ неправедно ни ги постави на нашиот европски пат, а кои најмногу се однесуваат на меѓународно преземените обврски во врска со договорите со Грција и оној за добрососедство со Бугарија, кои во најмала рака беа референдумски прашања кои треба да се почитуваат, чиишто последици се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот. За нив земјата направи болни компромиси, при што си го промени прво државното знаме, а потоа и државното неприкосновено име, но и покрај тоа изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ, истакна Попов во обраќањето.
Сепак, рече, треба да сме свесни дека ние „како мал народ и сиромашна држава“ само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и ЕУ „може да дојдеме до разумни и прифатливи решенија за создадените проблеми“.
-Зачувувајќи го притоа културното и историско наследство кое му припаѓа на македонскиот народ како европска вредност. Но, и покрај сите пречки, македонската држава денес е дефинитивна историска реалност со потврден целосен историски идентитет и меѓународен државно-правен легитимитет, којашто на достоинствен начин мора храбро да продолжи по зацртаниот европски пат, додаде претседателот на МАНУ.
Порача дека „иднината на македонската држава се гради со труд, со заедништво, обединетост и храброст“.
-Ако по утрото денот се познава, со промените што се случуваа оваа година, може да се предвиди дека за нашава земја доаѓаат подобри времиња, рече претседателот на МАНУ.
Ново на Сител
-
Пожар во парк-шумата Гази Баба | ВИДЕО
-
Кремљ по одлуката на Трамп да испрати оружје за Украина: САД и Европа ја избраа војната
-
Крадец од струмичко пукал кон полицијата, па бил ранет при приведувањето
-
Јулски снег во Словенија
-
Триесет и девет еколошки организации бараат од УНЕСКО да го стави Охридскиот регион на Листата светски наследства во опасност
-
Германија ја обвини Кина дека употребила ласер врз германски авион
-
Над 6.600 учесници тргнаа кон Поточари во Маршот на мирот по повод 30 години од геноцидот во Сребреница
-
До 12:30 часот девет активни пожари, еден локализиран