Македонија
24. September 2022 - 16:40

Поскапуваат комуналните услуги

Поради високите цени нафтата и електричната енергија, како и недобивањето на помош од централната власт започнува зголемувањето на цените на услугите на јавните претпријатија на локално ниво. Прилепски „Комуналец“, денеска најави покачување на услугите за подигнување на отпад за домаќинства, правни лица, училишта и верски објекти во просек за 60-тина%. Ситуацијата била алармантна, ако продолжело како досега Комуналец имал пари само за уште една плата за вработените, минусот на фирмата бил 2,6 милиони денари. Голем удар задало и покачувањето на минималната плата, а директорот обвини и за претходно недомаќинско работење.

„Во минатото никој не презел мерки за да не се доведи ова комунално претпријатие во оваа незавидна ситуација. 2017 година ова јавно комунално претпријатие е оставено со нето добивка од 14.883.560 денари, додека на крајот на 2021 година со загуба од 823.947 денари“, рече Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“ - Прилеп.

Зголемување од идната недела на цените се очекува да најави и Водовод, од каде пред околу 2 недели за оваа ситуација ја обвинија Владата.

„Се прашуваме дали нивна цел е јавните претпријатија да се прикажат како неуспешни, со цел да се намалат или прекинат услугите кон граѓаните и се тоа само за политички поени на централната према локалната власт“, изјави тогаш Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.

Од СДСМ Прилеп пак денеска истакнаа дека зголемувањето на цените на водата, подигнувањето на отпадот и јавниот превоз се должело на недомаќинското работење на локалната власт.

„Тоа значи дека ако за сметките на „Комуналец“ едно семејство досега плаќало 600 денари, од следниот месец, за истите услуги ќе треба да плати 1.000 денари или и нешто повеќе. Секое семејство во Прилеп ке плаќа  најмалку 12000 денари повеќе на годишно ниво за услугите на јавните претпријатија“, истакна Зоран Пачешкоски, претседател на ОО СДСМ Прилеп.

Со ваквата состојба за нови инвестиции и проекти на јавните претпријатија во општините тешко дека може да стане збор, или пак тоа ќе биде минимално.