Македонија
16. August 2022 - 12:21

Поскапе цената на медот, поради што луѓето го третираат како луксуз

Заради поскапувањата и цената на медот е покачена, а луѓето почнаа медот да го третираат како луксуз, велат пчеларите. Семејството Димовски од Битола, 14 години се занимава со пчеларство, а произведуваат мариовски мед. Велат, продажбата е опадната, а и годинешната реколта е послаба од минатогодишната.

-Цената е малку поткрената, за 10% за разлика од производите кои ги користиме, а кои се кренати 50-100%. Нормално, во оваа сиромаштија, луѓето медот почнаа да го третираат како луксуз, а не потреба. Со оглед на тоа дека се зголемуваат бројките на корона, потребно е да се јаде здрава храна, особено мед, луѓето не можат да си дозволат. До ланската година се купуваше многу повеќе, вели Ана Димовска, регистриран пчелар.

Покрај неповолната ситуација, и субвенциите не им се исплатени, иако помина половина од месец август. Бараат од Министерството за земјоделие да им ги исплати субвенциите. Изминатите години им биле исплаќани најдоцна до почетокот на јули. 

-Субвенциите ни се потребни и за преживување и за нашата работа. Во април требаше законски да исплатиме за преглед кај нашите ветеринарни доктори, сето тоа кошта. Сега доаѓа зима, треба да подготвиме погачи или да ги купиме и тоа чини пари, шеќерот е покачен, а нас ни е потребен за погачите, вели Димовска.

Инаку, една тегла мариовски мед сега се продава за 450 денари.