Попов: Невладеење на правото и корупцијата резултираа со масовни несреќи од кои последната е во Кочани
Партизацијата на институциите и децениското невладеење на правото, направија девастирана држава. Недоволното спроведување на реформите во правосудството се причина за неказнивост и бројни несреќи, како последната во Кочани. Потребно е рестартирање на целиот систем во државата, порача првиот човек на МАНУ, Живко Попов, на годишното собрание на академијата. Со едно минутно молчење академиците изразија почит за жртвите од трагедијата и изразија сочувство до фамилиите.
Спроведувањето на реформите е важен сегмент и за македонските евроинтеграции. Според Попов, и покрај потпишаните договори нема гаранција за европската перспектива на Македонија, но охрабрувала зголемената соработка со американската администрација. И порача на ЕУ дека Унијата нема да биде целосна без Западниот Балкан.
Предлогот за одложено дејство на уставните измени според претседателот на МАНУ е одлична основа за компромис со соседите и надминување на билатералните спорови.
Претседателот на МАНУ во своето годишно обраќање се осврна и на правичната застапеност и Законот за употреба на јазиците за што рече дека е „време да се направи нивно јасно и прецизно дефинирање за да се спречи нивна злоупотреба“.
Во изминатата година академиците работеле на 62 научноистражувачки проекти, а објавиле и 38 монографии и трудови.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар