Македонија
1. March 2017 - 18:56

Попоски се сретна со данската амбасадорка Плеснер

Вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски, денеска во Скопје се сретна со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Кралството Данска во Република Македонија, со седиште во Виена, Лиселот Плеснер.

Двајцата соговорници, информираат од МНР, ги потврдија добрите политички односи меѓу двете земји и заеднички констатираа дека постои потенцијал за интензивирање на економските врски, особено во доменот на инвестициите и трговијата.

Говорејќи за главните надворешно-политички приоритети, интеграциите во НАТО и ЕУ и регионалната соработка, министерот Попоски го истакна значењето на континуираната и принципиелна поддршка која Република Македонија ја добива од Данска. 

На средбата се разменија и мислења за актуелните прашања од меѓународната агенда, особено за проблемите предизвикани од мигрантската криза, за реформските процеси и актуелната внатрешно - политичка состојба во Република Македонија.

Амбасадорот Плеснер, во духот на пријателството, на шефот на дипломатијата Никола Попоски, му подари велосипед, промовирајќи го велосипедизмот како опција за здрав живот, додека министерот Попоски ја запозна со историјатот на развојот на велосипедизмот во Република Македонија и активностите што нашата држава ги презема во насока на подобрување на велосипедската култура.