Македонија
18. December 2015 - 8:37

Попоски на министерска конференција за Западен Балкан во Стокхолм

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска во Стокхолм ќе учествува на министерската конференција за земјите од Западен Балкан, заедно со министерката за надворешни работи на Кралството Шведска Маргот Валстром и еврокомесарот Јоханес Хан, на тема „ЕУ интеграција на Западен Балкан – Мисија што треба да се заврши“.

Kонференцијата ќе биде посветенa на проширувањето на Европската Унија, интеграцијата на Западен Балкан во Унијата и регионалната соработка. Целта на настанот во Стокхолм е да се промовира значајната улога на проширувањето, како една од најуспешните политики на ЕУ во воспоставување на мир во регионот, како и во унапредување на регионалната соработка по годините на конфликти во Западен Балкан. Тоа е важно за побрза интеграција, и надминување на отворените прашања во регионот, соопшти МНР.

На конференцијата ќе се процени и исходот на извештаите на ЕУ за напредокот и спроведените реформи во земјите на Западен Балкан, како и можностите за нивно побрзо интегрирање во ЕУ, од перспектива на Европската комисија и Шведска.

Конференцијата се организира на иницијатива на Македонската амбасада во Стокхолм во соработка со останатите земји од Западен Балкан, шведското Министерство за надворешни работи и Канцеларијата на Европската комисија во Шведска.