Бизнис
20. April 2021 - 12:27

Половина од текстилните работници се вратија на работа

Повеќе од половина од 10.000 текстилни работници кои изминативе две недели беа на колективен одмор се вратија во фабричките погони. Повеќето стопанственици тоа го сторија за да ги исполнат условите за добивање на помош од петтиот пакет економски мерки.

- Оние компании кои се финансиски стабилни, кои имаа резерви да ги издржат овие 2-3 месеци без помош, ако имаа напуштено работнички ќе ги вратат и ќе конкурираат за помошта. Но, оние компании кои не се финансиски стабилни, кои имаат кредити, долгови и други неплатени обврски, најверојатно нема да се одлучат за помош и ќе останат напуштени работниците, изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи.

Точната бројка на вработени во текстилниот сектор кои ќе останат без работа ќе се знае на крајот на месецот, кога ќе заврши аплицирањето за субвенционирање на платите од државата. Двата клучни услови се, намалување на вкупниот приход од 30 % и не намалување на бројот на работници.

- Оние што нема да конкурираат, а немаат доволно работа, очигледно дека веќе „кренале раце и се предале“. На еден начин и самата бројка ќе ни покаже каква е состојбата во нашата економија, додаде Димитров.

Оптимистичкото сценарио предвидува отворање на западноевропските пазари за нашите производи најдоцна до месец јуни.

-Ако lockdown-от во нашите најголеми стратешки партнери се продолжи подолг период, тогаш ќе биде неопходен и шести пакет на мерки, се со цел, да ги задржиме работните места и компаниите да останат активни, изјави Димитров.

Работодавачите кои ќе аплицираат за државна помош, ќе треба да ги платат даноците и придонесите.