Македонија
6. August 2022 - 16:32

Полни тезги на пазарите, празни ќеси поради цените

Полни тезги – празни ќеси. Цените на пазарите летово рушат рекорди. Купувачите разочарани. Велат во споредба со лани, овошјето и зеленчукот се неколкупати поскапи. Купуваат само она што им е неопходно, затоа што друго и не можат да си дозволат.

Пазарџиите, пак, тврдат дека цените бележат извесно стабилизирање. Потенцираат дека производството годинава е намалено, бидејќи секоја година има се помалку земјоделци.

„Постои економско правило: што повеќе роба - цената паѓа, што помалку роба – цената оди нагоре. Тоа е основата. Тука, земјоделци има околу 10%. Сите други се трговци. Тоа значи – цената не ја формира трговецот тука, туку ја формира некој на големо. Вака гледајќи од страна е многу интересно и лесно, ама ако земеш да го произведуваш и да го платиш...пример, еден бостан кој се продаваше по 1 денар за килограм. Еден трактор, сто евра. Тоа е проблемот“ – Бранислав Бакарџиев, пазарџија.

Посетеноста на пазарите е видно намалена, но за тоа не се виновни само цените на производите, туку и условите, вели Бакарџиев.

„Сите луѓе ако нешто им треба одат во маркет и ќе си купат од таму, во пријатни услови. И затоа еден голем дел, особено младите, не се тука. Младите се во маркетите. Имаат картички, ќе си купи што сака и ќе си оди дома“.

Очекувањата се дека и во иднина цените на овошјето и зеленчукот ќе одат нагоре. Причинители се поскапите горива, ѓубривата, но и климатските промени.