Македонија
17. April 2020 - 17:03

Полни пазари пред стартот на најдолгиот полициски час

Гужви по пазарите и маркетите на неколку часа пред почетокот на 85-часовниот полициски час кој од денеска ќе трае до вторник во 05:00 часот изутрина.

Со оглед на тоа што викендов е и најголемиот христијански празник, Велигден, граѓаните брзаа за да ги испазарат потребните намирници.

Најмногу гужва имаше на пазарите на отворено. Дел со маски и заштитна опрема, дел без, сите излезени со една иста цел.

-Сите брзаат за да испазарат за претстојниот Велигден во карантин. Граѓаните велат дека држат дистанца само онаму каде што тоа е возможно.

Владата донесе Уредба со која сите објекти за малопродажба се принудуваат да воспостават редарски служби кои ќе се грижат за почитување на мерките пред и во маркетите.

-Треба да се постават соодвените ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум растојанието од 2 метри при чекање пред и во објектот. И тоа, пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот. Секако, доколку не се почитуваат мерките од оваа уредба ќе следат и глоби. За малите и микро трговци кои што нема да воспостават ред и дисциплина пред нивните објекти е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра. Додека за средните и големите трговци кои што нема да ги почитуваат одредбите од оваа Уредба со законска сила, предвидена е глоба од 1.000 до 2.000 евра, рече министерот за економија,  Крешник Бектеши.

Редари денеска поставија и оние објекти за продажба кои немаа до скоро. Дел од редарите и ги опоменуваа купувачите кои не го почитуваа растојанието од 2 метри и се приближуваа до останатите.

Добар дел од граѓаните денеска на пазарење одеа без маски и ракавици. Но, властите веќе размислуваат да се донесе одлука со која во јавност ќе биде задолжително да се носат маски или да се покриваат носот и устата.