Кошарка
29. September 2016 - 15:20

Полна сала за дуелот Работнички - Фенербахче

Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички подготвен за утрешниот ревијален меч со Фенербахче кој ќе се игра во рамките на прославува на јубилејот 70 години постоење. Од клубот информираа дека продадени се 7.000 билети и се очекува спектакл утре од 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“.
 
На овој меч од кошарката ќе се прости легенда, Тодор Гечевски, додека пред навивачите ќе има можност да се претстави најголемото засилување во преодниот рок,  Владо Илиевски.
 
- Чест ми е што ќе играм за Работнички во сезоната во која се слави голем јубилеј. Дуелот со Фенербахче ќе биде шлаг на тортата за сите нас, како играчи, стручен штаб, управа и навивачи. Драго ми е за сите оние што ќе имаат среќа да бидат на овој натпревар и во живо да го проследат, бидејќи не се случува секој ден ваков меч во Македонија. Овој натпревар воедно ќе биде убава можност да видиме до каде сме, изјави Илиевски.
 
Благодарност до гостите од Турција за прифатена покана да бидат гости на Работнички искажа тренерот Марин Докузовски.
 
- Македонските љубители на кошарката ретко можат да гледаат квалитетни тимови каков што е Фенербахче. Очекувам празник на кошарката во Македонија, а предуслов за тоа е најавата за полна сала со оглед на информацијата за бројот на продадени билети, рече Докузовски.
 
Натпреварот Работнички – Фенербахче ќе се одигра утре со почеток во 19 часот.